Прв Национален форум на Цивика мобилитас |
Среда, 09 декември 2015 09:38 | |||
Граѓанскиот ангажман и волонтерството беа темата на првиот Национален форум на Цивика мобилитас што се одржа на 4 декември 2015 година во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје. „Волонтерството е во фокусот на денешниот ден, затоа што тука е силата за мобилизација на целото граѓанско општество од кое се очекуваат општествените промени“, рече Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС и Национален лидер на тимот на Цивика мобилитас на отворањето на Форумот. Од името на Младинскиот културен центар Битола, на присутните им се обрати Златко Талевски. „Сакам да му одадам признание на тимот на Цивика мобилитас за организација на овој настан затоа што за прв пат на едно место се собрани сите организации и институции кои работат со волонтери. Зголемувањето на нашата меѓусебна соработка ќе придонесе да се развива волонтерството во Македонија“, рече Талевски и заврши со идејата што го води МКЦ во развивањето на волонтерството: „Волонтерството не е само бесплатна работа, волонтерството креира и развива“. Темата на Националниот форум беше тема и на дебатата „Hands on matters“. На дебатата зборуваа Александра Ристовски, Никица Кусеникова, Ивона Крстевска, Габриела Андреевска, Даниела Стојанова, Ѓоко Вукановски и Логин Кочишки. „Солидарноста е основното начело на волонтирањето“, рече Александра Ристовски во нејзината дискусија за тоа што ги мотивира луѓето да волонтираат. „Волонтерите добиваа искуства и вештини кои им помагаат во животот, а волонтирањето им прави и промена на дневната рутина“, која, според Ристовски, им помага да го пронајдат чувството на среќа. Присутните се согласија дека младите не се доволно информирани за можностите на волотирањето и придобивките што можат да ги имаат од него. Волонтирањето не треба да биде гледано како замена за работа, но волонтираењето може да им ги зголеми компетенциите, вештините и знаењата кои можат да ги употребат во барање на работа. Тие исто така се согласија дека обврска на граѓанските организации е да го поттикнат волонтерството и во тој насока да го менуваат општествениот контекст во Македонија. Цивика мобилитас промовираше девет мали и пет ад хок грантисти. Сертификатите на грантистите им ги додели вршителот на должност Амбасадор на Швајцарија во Македонија, г-ѓа Катерина Штокер. „Целта е да се создаде критична маса на граѓански организации кои ќе бидат подготвени навремено да ги адресираат проблемите во општеството и со активно учество да ги решат“, рече Штокер. На настанот Националниот совет за развој на волонтерство и Министерството за труд и социјална политика ги доделија националните награди за волонтерство за 2015 година. Волонтерка на годината е Сибел Бајрам за нејзиното долгогодишно искуство и придонес во образованието на децата Роми, а Билјана Пешева од Скопје и Перса Стојановска од Делчево добија благодарници за нивната непрекината вклученост во волонтерски ангажмани. Наградата волонтерска практика и припадна на организацијата Уметност на живеењето во Македонија од Скопје за нивните активности за помош на социјално загрозените семејствата од Македонија. Наша ТВ ја доби наградата медиум кој со својата уредничка политика ги промовира волонтерските ангажмани ја доби, а признанија добија организациите: Младински културен центар од Битола, Црвен крст на Македонија и Волонтерски центар Скопје. Националниот форум Цивика мобилитас го организира заедно со нејзините институционални грантисти: Анима мунди, Меѓаши и Солидарност; акциски грантисти: Црвен крст на град Скопје и Диверзити медиа како и со Волонтерскиот центар Скопје; МКЦ-Битола; Националниот младински совет на Македонија; Национален совет за развој на волонтерството; Сојуз на извидници на Македонија.
|