Заедничките акции даваат поголем кредибилитет |
Вторник, 27 октомври 2015 10:20 | |||
На седмиот регионален форум на Цивика мобилитас што се одржа на 13 октомври 2015 година во просториите на Домот на културата во Кавадарци претставниците на граѓанските организации од вардарскиот регион разговараа за меѓусебната соработка, за проблемите со миграцијата, за видливоста и кредибилитетот на акциите. Сајмон Форестер, меѓународен експерт, потенцираше дека форумите се можност за меѓусебно запознавање на организациите што може да води во понатамошна соработка. „На овој начин ќе се намали меѓусебната конкуренција, а ќе се зголеми соработката“, рече Форестер. Присутните разговараа на неколку теми. Преставниците на Агрофаланга од Велес како проблем го потенцираа недоволното знаење на земјоделците. Тие сметаат дека поддршката за организациите на земјоделците не е доволна и дека ресурсите за земјоделство и за туризам не се доволно искористени. „Проблем е преголемата супституција на млекото со палмина маст при производството на млечните продукти. Канцерот е зголемен за 30 % во последните 10 години“, истакна Љупче Станковски. „Замената на оригинални производи резултира со намалување на работни места, лоша исхрана на населението и зголемување на разни заболувања“, додаде тој. Младите не се доволно едуцирани да ги препознаат домашните производи, правилните вкусови и здравата храна. Според Елена Ризова од Еко-живот потребно е да се направи таква едукација за најмладите за да научат да прават разлика помеѓу вистинска (органската) и останата храна. Според Панче Арсовски од Винотек потребно е повторно воспоставување на задруги, заедничка помош за работење, набавка на механизација, помош при берба. Она што најмногу недостасува на полињата, смета тој, се младите луѓе. Организацијата на жени од Свети Николе го потенцираше слабото здружување помеѓу помалите организации. „Мора да има зголемена комуникација помеѓу активните организации, за да можеме да се едуцираме, да споделиме информации меѓусебно и на овој начин да дојдеме до некој краен производ или проект“, рече Дарко Јованчевски. Тој исто така го потенцираше проблемот со миграцијата. „Порано тема на состаноците ни беше немање на активна младина, а сега зборуваме за немање младина воопшто“. Раим Сулејманов од Тиквешки Роми ја потенцираше потребата од бесплатна правна помош за Ромите во регионот. Тој зборуваше за придобивките од проектот што бил реализиран пред три години кога биле опфатени повеќе деца Роми со активности за нивна подобра вклученост во образованието и помош преку дополнителни часови. Она што недостасува, според Сулејманов е одржливост на тие активности. „Заедничко здружување на повеќе актери и дава поголем кредибилитет на акцијата не само пред јавноста туку и пред авторитетите и институциите. Ако организациите го стават фокусот на меѓусебната соработка, ќе имаат подобар пристап до поголем број граѓани“, рече Форестер на крајот од Регионалниот форум во Кавадарци. Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Шведскиот институт за јавна администрациј (SIPU). Цивика мобилитас обезбедува поддршка за граѓанските организации и другите актери на граѓанското општество. Спроведувањето започна во октомври минатата година и ќе трае четири години.
|