Вкупно 65 предлог закони беа во собраниска расправа без претходно објавување на ЕНЕР - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Вкупно 65 предлог закони беа во собраниска расправа без претходно објавување на ЕНЕР PDF Печати Е-пошта
Четврток, 27 август 2015 15:54

На 64-та седница на Собранието на Република Македонија одржана на 25.8.2015 година и продолженијата одржани на 26 и 27 август 2015 година на дневниот ред се најдоа 65 предлог-закони по скратена постапка од кои само пет се објавени на Единствениот електронски регистар на прописи (ЕНЕР). Кај ниту еден од објавените закони не е испочитуван минималниот рок од десет дена за консултации со јавноста.

Иако предлог-законите се однесуваат на усогласување со Законот за прекршоци, тие морале да бидат навремено објавени на ЕНЕР. Ова произлегува од Деловникот за работа на Владата на Република Македонија (член 71, Службен весник бр. 36/08). Според тоа, сите предлози за донесување закон, нацртите и предлозите на закони кои што ги предлага Владата до Собранието, надлежните министерства имаат обврска да ги објават на својата интернет страница и на ЕНЕР (www.ener.gov.mk). Предлог-законите треба да бидат достапни за коментари од јавноста најмалку 10 дена од денот на објавувањето на ЕНЕР.

ener

Со масовното донесување закони по скратена постапка кои не се објавени на ЕНЕР, на јавноста и на сите засегнати страни им се скратува можноста навремено да се информираат, да дадат свој придонес и да се вклучат во подготовката на законите кои ги засегаат. 

Апелираме до Владата и надлежните органи на државната управа да ги почитуваат пропишани одредби од Деловникот за работа на Владата и да не ја избегнуваат обврската за достапност за консултации на сите предлог закони, вклучително и оние ко се донесуваат по скратена постапка.

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) како дел од своите активности во проектот „Огледало на Владата“ го следи ЕНЕР и објавува редовни неделни, месечни и квартални извештаи. Проектот се спроведува во рамките на Програмата на УСАИД за антикорупција, финансирана од Агенција за меѓународен развој на САД (УСАИД).

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Вкупно 65 предлог закони беа во собраниска расправа без претходно објавување на ЕНЕР