Потребно е поголемо мобилизирање на граѓаните - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Потребно е поголемо мобилизирање на граѓаните PDF Печати Е-пошта
Понеделник, 27 јули 2015 14:45

На 22 јули 2015 година, во Центарот за развој на младите на општина Гостивар, се одржа четвриот регионален форум на Цивика мобилитас. Под мотото „Твој простор, твој глас“ десетина претставници на граѓански организации, на општини како и граѓански активисти разговараа за потребните промени во Полошкиот регион.

Potrebno e pogolemo mobiliziranje na gragjanite

“Најбитните прашања кои Цивика мобилитас ги третира се граѓанскиот ангажман и поттикнувањето соработка за постигнување влијание“, истакна Даниела Стојанова, проектен координатор. Според Сајмон Форестер, меѓународен експерт, целта е да бидат предизвикани учесниците да размислат што сакаат да променат, и тоа да го направат преку меѓусебна соработка. „Сакаме овој простор да се искористи повеќе за споделување примери на соработка, сакаме да дознаеме повеќе за  вашите искуства“, додаде тој.

За Санела Шкријел, од Фондација за женско претприемништво (Women Enterprise Fund) проблем во регионот е мобилизирањето на граѓаните за промовирање заеднички каузи. „Постои отуѓеност на граѓаните и граѓанските организации“, рече таа. „Во Полог има и неформални здружувања како  што е Еко герила, кои мобилизираат доста граѓани и кои се поддржани. Но, не ми е јасно зошто граѓаните се активираат повеќе во неформални здружувања отколку во граѓански организации. Каде грешиме ние граѓанските организации, зошто немаме иста поддршка како граѓанските неформални инициативи.“ Шкријел зборуваше за искуството на Фондацијата, за соработката со бизнис заедницата која ги поддржува жените во претприемништвото и економското јакнење.

И во Гостивар беше потенциран проблемот на партизирање и политизирање на граѓаните и граѓанските организации. „Можеби пречката за мобилизирање е политизирањето и партизирањето на граѓаните и граѓанските организации“, рече Несим Велиу, од Екопродукт од Тетово.

Слаѓана Јосифоска, од здружението Женски форум од Тетово истакна дека предрасудите исто така придонесуваат во незадоволителна критична маса. „Во Полог треба да се постигне промена во перцепцијата на граѓаните за ангажман за различни цели. Поддршката за прашања поврзани со здравјето е поверојатна отколку таа за родовите прашања“, додаде таа.

Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Шведскиот институт за јавна администрациј (SIPU). Цивика мобилитас обезбедува поддршка за граѓанските организации и другите актери на граѓанското општество. Спроведувањето започна во октомври минатата година и ќе трае четири години.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Потребно е поголемо мобилизирање на граѓаните