Најголем интерес за новините во даночниот третман на ГО |
Петок, 10 јули 2015 14:59 | |||
На 7 јули 2015 г. во Инфо центарот на ЕУ во Скопје, МЦМС го одржа информативниот настан „Граѓанските организации и економските активности – можност за одржливост?”. На прашањата на заинтересираните одговараше Николаки Миов, авторот на новиот прирачник „Економски активности: Вршење дејност од граѓанска организација“. Миов зборуваше за вршењето економски активности на граѓанските организации согласно македонското законодавство, како и за предностите и недостатоците кои произлегуваат од тоа. Најголем интерес и дискусија предизвикаа новините во даночниот третман на граѓанските организации кои вршат економски активности кој во последните две години е влошен. Анализите покажаа дека со одредени решенија граѓанските организации се во помалку поволна положба од претпријатијата. На пример, трговски друштва со приход до три милиони денари се ослободени од данок на добивка и данок на непризнати расходи. Ова не важи и за граѓанските организации. „Последните измени во данокот на додадена вредност, главно содржат олеснувања кон другите сектори, а не и кон граѓанските организации“, рече Миов. Преку 40 претставници на граѓански организации присуствуваа на настанот и активно учествуваа во дискусијата. Во најголем дел тие се интересираа за можностите за вршење дејност и даночниот третман. Настанот беше организиран во рамки на регионалниот проект „Acquis на балканското граѓанско општество: Јакнење на потенцијалот и капацитетите на граѓанските организации за застапување и лобирање“ финансиран од Европската Унија. Проектот е спроведуван од БЦСДН и членките на БЦСДН, во партнерство со Европскиот центар за непрофитно право (ЕЦНЛ) и Европската мрежа на национални граѓански организации (ЕННА).
|