Следење и анализа на ризиците од корупција и организиран криминал - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Следење и анализа на ризиците од корупција и организиран криминал PDF Печати Е-пошта
Петок, 20 март 2015 11:58

izveshtaj za sledenje na rizici od korupcija i organiziran kriminalМЦМС заедно со Центарот за изучување на демократијата (ЦСД) од Бугарија денес (19 март 2015 година) организираше форум на кој го презентираше Извештајот  за следење и анализа на ризиците од корупција и организиран криминал и три други документи за јавни политики.

Извештајот констатира дека најчести форми на организиран криминал во Македонија се трговијата со дрога, криумчарењето мигранти, а во делот на финансискиот криминал – затајувањето данок и изнудата. Поранливи на ризик од организиран криминал се одделенијата или полициските службеници на граничната и сообраќајната полиција и полицијата за сузбивање на криминалот.

Најчести форми на корупција што ги користи организираниот криминал за влијание на политичарите во Македонија се: поткупот и трговијата со влијание.

Иако 68% од македонските компании сметаат дека службените лица на еден или друг начин преземаат корупциски активности, само 6% од македонските компании преземале мерки со цел да ги открија корупциските случаи. Основна причина како што изјавиле 41,67% од испитаниците е тврдењето дека со нивните активности нема да постигнат ништо, и 37,5% биле уплашени од негативните последици.

Во процесот на јавните набавки според македонските компании најчесто се евидентирани следните недостатоци: тендери со многу краток временски период за наддавање (две недели) (17,7%), тендери со само еден наддавач (11,7%) и тендери, кои содржат техничка спецификација, која може да ја исполни само една компанија на пазарот (9,75%).

Перењето пари во Македонија најчесто е поврзано со финансиски криминал како што се: затајување данок, криумчарење, финансиски измами и измами за приватизација, поткуп и злоупотреба на службена положба.

Анализите на податоците од анкетата со претставници од приватниот сектор покажуваат дека 12,5% од македонските компании, го сметаат перењето пари како релативно честа појава, а 3% од компаниите како многу честа појава. Измамата со данокот на додадена вредност (ДДВ) е многу честа појава за 2,25% од компаниите, релативно честа за 12% од компаниите и многу ретка појава, но сепак појава што постои за 27,5% од компаниите. Сепак, на искуствено ниво, 96,5% односно 92,5% од испитаните компании рекле дека во изминатата година не им била понудена активност поврзана со перење пари или измама со ДДВ.

Клучни индустрии, кои ги идентификувале компаниите како појдовна точка на организираниот криминал се: градежната индустрија, индустријата за управување со отпад, туризмот, компании за обезбедување, индустријата за производство на тутун, итн. Градежништвото и особено недвижниот имот се ризици за перење пари.

На форумот беа презентирани и три документи за јавни политики посветени на студии на случај кои ги опфаќаат:  законската и институционална рамка на Бирото за јавни набавки; правната и институционална рамка на работата на Министерството за внатрешни работи (МВР) во областа на корупцијата и организираниот криминал и ризиците од корупција и организиран криминал во приватниот сектор.

Извештајот го презентираа Емилија Туџаровска-Ѓорѓиевска од МЦМС и Руслан Стефанов и Тодор Јаламов од ЦСД. Документите за јавни политики ги презентираше Миша Поповиќ.

МЦМС и ЦИД комбинираа квантитативни и квалитативни методи за прибирање и анализа на податоците меѓу кои една анкета со 400 компании и 40 полу–структурирани интервјуа со релевантни чинители. Користени се и податоците од националната анкета на населението за следење на корупцијата.

Извештајот и документите за јавни политики се дел од проектот „Борба против корупција и организиран криминал – АД АКТА“ што го спроведува МЦМС во партнерство со ЦСД, а го финансира Европската Унија.

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Следење и анализа на ризиците од корупција и организиран криминал