Нови вештини за процесите на подготовка на законите - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Нови вештини за процесите на подготовка на законите PDF Печати Е-пошта
Среда, 25 април 2012 08:11

МЦМС на 19 и 20 април 2012 година во Маврово организираше основна обука на тема „Вклучување во креирање политики и подготовка на закони“. Обуката беше наменета за претставници на граѓанските организации кои немаат претходно искуство во процесите на подготовка на закони.

Нови вештини за процесите на подготовка на законите

Петнаесетте учесници се стекнаа со основни знаења за застапувањето како битна компонента за успешно вклучување во процесите на подготовка на законите: што е застапување; како изгледа стратешка акција за застапување; како да се подготви успешна иницијатива за одредена политика/закон и измени на законите. Покрај тоа беа презентирани законските основи за вклучување во креирањето на политиките и подготовката на законите како и можностите  и моделите  за  најефикасно и најуспешно вклучување на јавноста и граѓанските организации. Преку работа во групи учесниците имаа можност и практично да го применат стекнато знаење за подготовка на измена на постоечки закон.

„Обука беше исклучително корисно употребено време“, рече Билјана Дуковска од Здружението за зелено општество Гринер. „Преку разбирлива теорија и примери од секојдневието, лесно прифатливи и применливи за секоја област на делување, обучувачите ја насочија групата во правец на систематско планирање на активности кои во иднина би резултирале со квалитетни иницијативи. Мене оваа обука ми покажа дека законската рамка не е само „работа на некој друг“, туку процес во кој сите треба да дадеме придонес“, додаде таа.

Обуката ја водеа Емина Нурединоска од МЦМС и Горан Форбици од Словенечкиот центар на невладини организации (ЦНВОС) од Љубљана.

Обуката е дел од проектот „Огледало на Владата: учество на јавноста во процесите на подготовка на закони” кој е поддржан од Европската Унија од инструментот за човекови права и демократијата (ЕИДХР). Целта на проектот е да се зголеми соработка на граѓанските организации со органите на државната управа во процесите на креирање политики и подготовка на закони. Проектот се спроведува во партнерство со ЦНВОС од Љубљана и Балканска мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН).

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Нови вештини за процесите на подготовка на законите