Споредбена студија за овоможувачката околина за граѓански организации и бизниси - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Споредбена студија за овоможувачката околина за граѓански организации и бизниси PDF Печати Е-пошта
Вторник, 31 мај 2016 14:44

Автор: Маина Кијаи
Дата: мај 2016 г.
ISBN: 978-608-4681-56-4
PDF:  sporedbena-studija-za-ovomozhuvachkata-okolina-za-gragjanski-organizacii-i-biznisi.pdf

Sporedbena studija za ovomozhuvachkata okolina za gragjanski organizacii i biznisiМЦМС го преведе и издаде Извештајот на специјалниот известувач за правата на слобода на мирно собирање и здружување: Споредбена студија за овоможувачката околина за граѓански организации и бизниси. Ова е третиот по ред извештај на специјалниот известувач Маина Кијаи кој во октомври 2015 година беше поднесен до Генералното собрание на Обединетите нации Резолуцијата 24/5 на Советот за човековите права. Извештајот опфаќа анализа на 34 држави во кои се споредува овозможувачката околина за бизнисите и граѓанското општество која ја создаваат државите, мултилатералните организации и другите актери.

Специјалниот известувач во студијата идентификува дека државите често наметнуваат пообемни регулативи врз граѓанските организации, додека бизнисите добиваат поповолен третман.  Тој верува дека овие разлики се мотивирани повеќе од политика, отколку од практични мотиви. Економските и комерцијалните интереси се вреднуваат повеќе од она што се гледа како некомерцијална активност. Последователно, влијанието и мислењата на индустријата имаат предност во државните политики пред социјалната правда и фундаменталните права. Овој пристап го игнорира фактот дека живото граѓанско општество е суштинско за одржлив економски развој и дека бизнисите имаат придобивки од моќен граѓански сектор.

Во студијата се прави преглед на правната околина за бизнисите како и за граѓанските организации во 34 држави, со фокус на:

  1. процедурите за регистрација
  2. даночните закони
  3. финансиските закони
  4. барања за ревизија и извештаи
  5. санкциите и за непочитување на законските одредби.

Поради ограниченото време и ресурси овој извештај не беше спроведен во сите 193 земји членки на ОН. Овие 34 држави беа избрани врз основа на нивната географска положба, правниот систем, претходни извештаи за овозможувачка околина како и достапноста на истражувачи и експерти за темата. Македонија е една од земјите која учествуваше во истражувањето преку МЦМС.

Специјалниот известувач ги повикува државите, мултилатералните организации, бизнисите и другите заинтересирани групи да се посветат на концептот на секторска еднаквост и да создадат најдобра овозможувачка околина за постоењето и работата на граѓанските организации и за одржувањето мирни собири на граѓанското општество. За реализирање на тие цели, државите се повикани да обезбедат еднаков третман со законите и практиките кои регулираат регистрација, раздружување, даноци и слично, да донесат позитивни мерки за заштита и овозможување на правото на слобода на здружување, вклучително и намалување на оптоварувањата на ревизиите и контролата за помалите граѓански организации, како и обезбедување на слобода на мирно собирање.

Специјалниот известувач ги повикува и бизнисите и граѓанското општество да го препознаат широкото заедничко поле на нивните интереси во областа на транспарентноста на власта и владеењето на правото и во други области, како и да ги зголемат партнерствата за двата сектора да можат заедно да работат за овие заеднички цели.

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во своите обиди за создавање овозможувачка околина за ефективно функционирање на граѓанските организации подготвува публикации наменети за информирање, поддршка и помош на граѓанските организации за можностите кои главно произлегуваат од околината која го регулира нивното работење.

Споредбената студија е преведена во рамките на проектот „Аквис (Acquis) на Балканското граѓанско општество - Јакнење на потенцијалот и капацитетите на ГО за застапување и лобирање“, финансиран од Европската комисија и спроведуван од БЦСДН и членките на БЦСДН, во партнерство со Европскиот центар за непрофитно право (ЕЦНЛ) и Европската мрежа на национални граѓански организации (ЕННА).


Поврзани:

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност МЦМС во медиумите Споредбена студија за овоможувачката околина за граѓански организации и бизниси