И слични и различни |
Saturday, 27 March 2010 00:00 | |||
Од 22 до 25 март 2010 година се реализира првата од шесте посети за размена на искуства меѓу Македонија и СевернаИрска. Посетите се дел од проектот МОСТ – граѓанско лидерство преку меѓународен дијалог и пред се поврзани се со искуствата за спроведување на Охридскиот рамковен договор и Северно Ирскиот договор од Велики петок. Проектот го спроведуваат МЦМС и Mediation Northern Ireland (МНИ), од Белфаст, а е поддржан од Европската Унија. „По нашиот конфликт во Северна Ирска се обидувавме да најдеме начин да напредуваме во разговорите како да соработуваме заедно кон заедничка иднина“, вели Кетрин Мегваер од Одборот за условно казнување на Северна Ирска. Сфативме дека ги немаме сите одговори, ни требаше целата помош од сите други земји да ги споделиме нашите искуства да ги видиме туѓите искуства како на пример ова на Македонија, да видиме како таа напредуваше после конфликтот, меѓутоа исто така ни помага да ја видиме и нашата ситуација од една поинаква перспектива“, додава таа.Ова прва делегацијата ја сочинуваа 15 претставници на државните институции (главно поврзани со полицијата и правосудниот систем), на граѓанското општество и академијата (Универзитетот во Даблин). Гостите од Северна Ирска има многу интензивен дневен ред, со повеќе од 15 посети и средби на соодветни институции, организации и поранешните кризни региони. „Во однос на посетите на селата интересна ми беше сличноста на прашањата што ги имаме ние во Северна Ирска со прашањата овде, а тоа е, како да живееме заедно во заедничкиот простор и како да најдеме начин да биде заедницата интегрирана“ вели Мегваер. „Се обидовме да направиме паралела со селата со претежно македонско население и оние со претежно албанско население. Ние изградивме ѕидови меѓу нашите заедници што вие ги немате, но вие имате други бариери па го имате истиот ефект“, вели таа. „Една од битните разлики во конфликтот во Македонија и оној во Северна Ирска е неговата должина. Северноирскиот траеше 30 години, а македонскиот 6 месеци. Тоа влијае на односот на заедницата кон полицијата“, вели Александар Кржаловски, извршен директор на МЦМС. „Во тие 30 години полицијата била доживеана како репресивна сила која ја штити државата наспроти дел од популацијата“, додава тој. „Сметам дека од пресудно значење во интеракцијата на заедницата и институциите во постконфликтиниот период е постоењето доверба и тоа на две нивоа: прво на ниво на вештини и компетенции“ го кажува своето видување Аоган Малкахи од Универзитетскиот колеџ Даблин. “Сметам дека вашата полиција ги има ресурсите, капацитетите, способноста да се обиде да најде решение за проблемите на луѓето. Второто ниво е луѓето да сметаат дека тие вештини навистина ги поседува полицијата. Во Северна Ирска ова беше едно од клучните прашања и затоа голем дел од реформите беа фокусирани на ова прашање. Интересна промена тука е соработката со поранешните борци и полицијата и тоа е подигнато на едно ниво каде што имате повисока претставеност на поранешните борци во полицијата меѓутоа тоа секогаш може да биде уште подобро. Постојат разлики помеѓу нас и вас и ние се обидуваме да учиме од овие разлики“, вели Малкахи. Во врска со воспоставувањето на довербата, според Кржаловски таа во Македонија побрзо се воспоставила. „При посетата на Јегуновце беше спомнато дека во првите две години по конфликтот интензивно се работело на воспоставување на довербата, без употреба на сила, без интервенции едноставно присуство во заедницата“, вели тој. Македонскиот и моделот на Северна Ирска имаат сличности, но и разлики. „Ја искористивме можноста да продискутираме за моделот на помирување“, вели Кржаловски. „Што е подобро, да се стави црта, да се заборави минатото и да се оди напред, што е главно ситуација во Македонија по конфликтот или темелно да се истражат работите што се случиле, зошто се случиле и како да не се случат пак, што е случај во Северна Ирска. Ова создава нови конфликти и тензии кај граѓаните но, во Северна Ирска сметаат дека мора да се помине преживувањето на историјата за да може мирно да се помине понатаму. Можеби тој процес е подолготраен и поисцрпувачки, но сметаат дека тоа е добар начин да се затворат прашањата од минатото.“ Активностите од МОСТ продолжуваат. Следната посета ќе биде на Северна Ирска кога македонска делегација ќе отпатува да ги види тамошните искуства од надминувањето на конфликтот.
|