Дебата за аспектите на граѓанското содружништво |
Friday, 21 October 2016 15:10 | |||
Објавувањето на публикацијата „Поимот граѓанско содружништво“ од Готје Пирот, од Универзитетот во Лиеж, Белгија, која за македонската публика ја преведе проф. др. Ило Трајковски беше поводот за организирање на промотивна трибина наречена „Граѓанското здружување и развојот“ што се одржа на 20 октомври 2016 година на Филозофскиот факултет во Скопје. „Во Македонија, граѓанското општество го врзуваме за политиката и политичкиот развој. Од она што ќе го слушнеме денес, ќе видиме дека граѓанското општество е многу повеќе од тоа. Темата е актуелна и значајна не само во овој момент, туку и во иднина таа ќе добива на значење“, рече во воведното обраќање Трајковски. Редакторот на публикацијата, проф. др. Милева Ѓуровска потенцираше дека се забележува полет во граѓанското содружништво. „Сликата за граѓанското општество во една земја, многу говори за самата држава“, рече таа. За граѓанското општество и развојот на медиумите зборуваше проф. др. Снежана Трпевска од Институтот за комуникациски студии. Според неа, медиумите и граѓанското општество се развивале паралелно, но медиумите биле апсорбирани од државната сфера. „Граѓанскиот сектор е извор на спротивставување, на новитет и на критичката мисла. Медиумите не им дадоа гласност на овие атрибути. Тие не ги отвораат критички прашањата што ги засегаат граѓаните. Напротив, ги засилуваат пораките од политичарите“, рече таа. Никица Кусеникова од Конект зборуваше за економскиот аспект на граѓанското општество. „Граѓанските организации се мали субјекти. Речиси 70% од нив (од 3938 кои поднеле завршна сметка или дале изјава) имаат годишни буџети од 2500 евра. Буџетите на организациите се 0.94% од БДП на Македонија или во апсолутни бројки околу 80 милиони евра. Но, ако се има предвид дека 60% се донации најчесто обезбедени од странски донатори, може да се заклучи дека организациите донеле квалитативно други приходи во државата кои другите субјекти не ги генерираат“, рече Кусеникова. Според неа, граѓанскиот сектор вработува вкупно 1897 лица, но, има поголем потенцијал особено во делот на ангажмани за повремени и привремени работи. За улогата на граѓанското општество во руралниот развој зборуваше прф. др. Ана Котевска од Факултетот за земјоделство и храна. „Граѓанските организации го надополнуваат државниот сектор во нашата област и нивната улога е многу значајна. За да се постигнат подобри резултати потребно е земјоделците да бидат организирани, а за тоа ни се потребни здруженијата, затоа што тие можат да ги јакнат производителите“, рече таа. Даниела Стојанова од МЦМС зборуваше за довербата во граѓанското општество, но и за солидарноста како еден од клучните елементи на содружништвото. „Граѓанските организации можат и треба да имаа став за јавните политики, но многу често се плашиме да го спомнеме тоа за да не бидеме погрешно разбрани, како политичките партии да го имаат целосно присвоено изразот политика“, рече таа. Во дискусијата што следуваше се отворија повеќе прашања. Дали граѓанското општество и државата се во постојана „борба“? Може ли граѓанското општество да биде контра моќ? Што е контратежа на моќта на државата? Која е улогата на образованието? Дали ги учиме децата да бидат иницијативни и да бидат граѓани во вистинска смисла на зборот? Одбегнувајќи да ги научиме, ја губиме борбата за моќ засекогаш. Во таква констелација на заробено општество и граѓанските организации, или дел од нив, се заробени во таа моќ и стануваат дел од неа. Публикацијата ја издаде Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) како дел од програмата Цивика мобилитас.
|