Граѓанските организации од Западен Балкан за глобално активно граѓанство |
Friday, 04 November 2016 12:10 | |||
Подетално запознавање со темата: активно граѓанство, развој на глобалното образование и подигнувањето на свеста за тоа во Европа, беше целта на регионалната работилницата што се одржа на 29 и 30 септември 2016 година во Загреб, Хрватска. Преку примери на добра пракса, Ивана Раславска од фондацијата Понтис од Словачка, ги запозна учесниците со активното граѓанство и им укажа дека тоа е клучен фактор за развојот на образованието во 21 век. „Глобалното образование треба да ги поттикне граѓаните да придонесат за еден свет со поголема правда, еднаквост, и човекови права за сите“, истакна таа. На работилницата беше претставен и The Good Country Index на Симон Анхолт. Индексот мери колку секоја земја придонесува за општото добро на човештвото, а колку е потребно да придонесува во однос на нејзината големина. Македонија, согласно индексот, го зазема 65 место од вкупно 163 држави. Партнерите во проектот, заедно со други граѓански организации од Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија разговараа за свесноста на граѓаните за практикување активно граѓанство и глобално образование во Европа и во Западен Балкан. Тие констатираа дека граѓаните од регионот се уште не се доволно свесни за самиот концепт и значењето на глобалното образование. За тоа придонесува и недостатокот на соодветни државни политики за негово поттикнување. Учесниците развиваа идеи како би можеле да придонесат во развојот на глобалното образование и во подготовката на Национални стратегии за образование во различните земји од Западен Балкан. Тие ги идентификуваа и клучните фактори и засегнатите страни потребни за реализирање на нивните идеи. На работилницата учествуваа Катерина Тунџева од МЦМС, Ангела Маневска од „Прва детска амбасада во светот Меѓаши“, Иван Јованов од Лидери за образование, активизам и развој, Ива Апостолска од „Ајде Македонија“, како и Фране Јовановски од „Биди зелен“. Регионалната работилница беше организирана од страна на КРОСОЛ – платформа за меѓународна граѓанска соработка, во рамки на проектот „Подготовка за развојна помош“. Регионален координатор на проектот е БЦСДН, а партнери од ЕУ земји се СЛОГА од Словенија, Понтис фондацијата од Словачка и КРОСОЛ од Хрватска. Покрај МЦМС, на национално ниво активностите ги спроведуваат: Граѓански иницијативи и Граѓански парламент од Србија, ЦРНВО од Црна Гора, ИДМ и Конкорд од Албанија.
|