Програмата на УСАИД за антикорупција ги презентираше Студиите на случаи со ризици од корупција |
Wednesday, 23 September 2015 15:54 | |||
Денес (23 септември 2015 година), Транспарентност Македонија (ТМ) во соработка со Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), ги промовираше „Студиите на случаи со ризици од корупција“. Целта на овие студии е подобрување на политиките за антикорупција, преку анализи на состојбите и укажување на конкретни случаи. Сабина Факиќ, авторката на студијата „Намалување на корупцијата во јавните набавки преку засилена контрола“, се осврна на нереализирањето на измените во Законот за јавни набавки кои требаше да овозможат Бирото за јавни набавки да прерасне во самостојна агенција. Таа наведе повеќе случаи од кои се гледа дека недостатокот на контрола го зголемува ризикот од натамошно влошување на состојбите со корупцијата во јавните набавки. „Во отсуство на функционални институции кои ревносно го казнуваат незаконското трошење јавни пари, постои ризик од натамошно зголемување на корупцијата во јавните набавки“, рече Факиќ. „Спроведувањето случаи од висока корупција иницира намалување на корупцијата на пониските нивоа, но истовремено ја демонстрира неисплатливоста на корумпираното однесување на подолг рок“, рече Миша Поповиќ, во презентацијата на студијата „Демографија на корупцијата: поглед кoн ‘заробената држава’“ чиј автор е тој. Тој смета дека „јавните институции задолжени за контрола на корупцијата мора да ја „најдат“ својата независност и да започнат истрага за корупцијски случаи на највисоко ниво“. Студијата „Незаконско, неодговорно и нерационално трошење на парите на граѓаните прикажано преку извештаите на Државниот завод за ревизија“ ја презентираше авторот Слаѓан Пенев. Тој истакна дека во конечните извештаи на ДЗР за работењето на министерствата и другите државни органи се констатирани незаконитости во работењето и сомневања за злоупотреби. „Несфатлив е одосот на ДЗР кој не поднесува иницијативи за кривично гонење против одговорни лица во овие институции“, рече Пенев. Ова се првите три, од планираните десет студии на случаи со ризици од корупција. Интегралните текстови на студиите се достапни на: http://www.mcms.org.mk и на http://www.transparentnost-mk.org.mk Презентираните студии на случаи се дел од „Програмата на УСАИД за антикорупција”, финансирана од УСАИД. Програмата ја спроведува МЦМС, во партнерство со Институтот за демократија Социетас Цивилис – Скопје, ТМ и Асоцијација за демократски иницијативи (АДИ). Целта на проектот е зголемена информираност и знаење на граѓанските организации и граѓаните за барање отчетност од институциите како и придонес кон нивен повисок интегритет.
|