Како до функционална канцеларија? |
Tuesday, 22 April 2014 15:02 | |||
Од 15 до 17 април 2014 година во Маврово беше организирана обука за канцелариско и архивско работење. На обуката учествуваа седумнаесет претставници на граѓанските организации кои работат со маргинализирани групи во кумановскиот, скопскиот и тетовскиот регион. Учесниците беа запознаени со правилата и законските рамки на канцелариското и архивското работење. Посебен фокус беше ставен на правилата за водење договори, дописи, проектни документи и листи, објави, фотографии и публикации, како и правилата за сортирање документи. „Oбуката е многу корисна“, рече Јасмина Манева од „Јуниор ашивмент“. Според неа, граѓанските организации имаат недостатоци во правилното чување на документацијата. „Знаењата за архивирање и канцелариско работење се многу важни за една функционална канцеларија, затоа ваквите обуки ни се многу важни“, додаде таа. Учесниците се запознаа и со системите за управување со квалитет, ИСО 9001 и ИСО 14000. Вештините за правилно канцелариско работење и архивирање се развиваа и преку вежби. Учесниците во групи вежбаа пишување деловно писмо, склучување договор, составување фактура, заведување во деловодник, регистрација на фактури во влезна и излезна книга за фактури, составување на блок дијаграм за конкретно барање и цртање на функционална канцеларија. Обуката ја спроведе граѓанската организација ОРТ. Обуката e реализирана во рамки на проектот „Оспособување на малцинските жени погодени од конфликтот“ кој е финансиран од Европската Унија во рамките на 4-та компонента на Инструментот за претпристапна помош (ИПА). ОЖП го спроведува МЦМС со партнерите со цел да се поддржи пристапот на жените погодени од конфликтот до пазарот на трудот.
|