Безбедноста на учениците е цел на избраниот проект во Аеродром |
Thursday, 06 December 2012 00:00 | |||
Петтата, гласачка форумска сесија во општина Аеродром се одржа на 05 декември 2012 година, во спортската сала во ОУ Љубен Лапе. На сесија, присуствуваа 130 граѓани на општина Аеродром и гости. На сесијата граѓаните на општина Аеродром одлучуваа за најприоритетниот проект кој ќе биде финансиран од проектниот фонд на програмата Форуми во заедницата. Од 24 проекти (во 5 програми) подобни за гласање, со вкупно 30 гласа, беше избран проектот “Реконструкција на оградите на објектите на ОУ и поставување надворешен видео надзор, заради поголема безбедност на учениците и чување на објектот“. Борче Христов, Раководител на одделението за буџетска координација, во име на Градоначалникот на општина Аеродром, на присутните граѓани срдечно ѝм честиташе на направениот избор, притоа, уште еднаш истакнувајќи дека, тој заедно со општинската администрација ќе направи се што е во рамките на нивните можности, препораките кои не влегоа во програмите и буџетот на општина Аеродром да се реализираат во што е можно поголем број. „Сакам да искажам задоволство од оваа и од претходните сесии. Научивме да работиме тимски, да ги оствариме целите кои се зацртани, и пред се да работиме за подобрување на образовните програми во кои што се вклучени децата“, рече на крајот од сесијата Биљана Николовска, учесничка на форумот. Пред граѓаните беа презентирани и препораките, односно предлозите дадени од граѓаните, кои не беа вклучени во програмите на о. Аеродром за 2013 г. По презентацијата, еден од граѓаните му ги предаде препораките на Борче Христов. На крајот на форумската сесија беше формирана работна група за следење на имплементацијата на избраниот проект и препораките, за кои ќе ги известат граѓаните на општина Аеродром на последователната 6 форумска сесија.
|