Желино се вклучи во форумскиот процес |
Saturday, 30 June 2012 00:00 | |||
Општина Желино го започна форумскиот процес на 21 јуни 2012 година со одржувањето на првата сесија. Големиот интерес за овој процес го потврдува бројката од 135 присутни граѓани кои дојдоа да разговараат за нивните проблеми и да бараат решенија за нив. „Ние како општина сме дебитанти во форумите“, рече Фатмир Изаири, градоначалник на општината Желино. „Имаме многу проблеми, а еден од нив би го одвоил како посериозен - образованието и школската инфраструктура. Во општината има три основни училишта кои работат во тешки услови. Ако успееме барем во едното од нив да ги подобриме условите за работа, ќе биде навистина многу добро“, додаде градоначалникот. Пред граѓаните стои предизвикот на идентификување на проблемите и решенијата во оваа тема, потоа формулирањето на концептите и предлог проектите кои на завршната, петта сесија ќе бидат ставени на гласање. „Позитивно сум изненаден од форумот затоа што ми дава можност мене, како граѓанин, и на другите кои беа присутни овде, директно да одлучуваме за тоа кој од нашите проблеми ќе го решаваме со овие средства што ни стојат на располагање“, рече Шазивар Мемеди, граѓанин на Желино. Учесниците ја утврдија структурата на форумот и правилата за работа. На крајот од сесијата беше формирана работна група која ќе подготви проблемска анализа на избраната тема. Граѓаните се договорија следната сесија да ја одржат на 18 јули 2012 година во ОУ „Луиѓ Гуракуќи“ во населеното место Желино.
|