Подготвени за криза, здружени за одржливост, отворени за сите - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Подготвени за криза, здружени за одржливост, отворени за сите PDF Печати Е-пошта
Среда, 30 септември 2026 19:15

Во изминатите три месеци продолживме да ја следиме работата на грантистите на Цивика мобилитас. Овој пат посебен интерес ни предизвикаа проектите чија порака е дека луѓето не чекаат решенијата да дојдат однадвор, напротив ги градат самите. Тоа се проекти во кои младите го тестираат протоколот што треба да им овозможи побрзо да реагираат во криза, граѓанските организации се здружуваат за да го променат законот што го отежнува нивното опстојување, а организациите на лица со попреченост со податоци и искуства бараат асистивната технологија да стане достапна за секое дете.

sv

Како да реагираат младите кога ќе настане криза и кој за што е одговорен? Со тоа прашање се занимава проектот „Поврзани во криза: Млади што градат отпорност и заедништво“ на „Младите можат“ од Скопје и „Супортко“ Кочани. Првиот национален протокол за младинско управување со кризи помина низ тест во вид на симулација, во која дваесетина млади добија улоги на претставници на општини, младински центри, психолози и Центарот за управување со кризи. Играта со стрес-тест карти и реални сценарија, од лажни вести и паника на социјалните мрежи до загрижени родители, покажа кои процедури треба дополнително да се прецизираат, како на пример кој ја дава последната потврда за безбедност и како побрзо да се сузбијат дезинформациите. Во моментов двете организации го застапуваат и презентираат Националниот протокол пред институциите и во неколку општини во земјата.
Прочитај ја сторијата „Младите го тестираат протоколот за управување со кризи произлезен од трагедијата во Кочани“.
Screenshot 2026 10 01 203839

Пред осум години, Конект препозна дека финансиската одржливост не е проблем на една организација, туку на целиот граѓански сектор. Од иницијативата на дваесетина организации денес израсна Мрежа за финансиска одржливост со 134 членки од целата земја. На еден неодамнешен настан во Битола, околу 40 претставници на организации, институции и компании, меѓу нив и клучни луѓе од Управата за јавни приходи, разговараа за најактуелните предизвици на секторот. Проектот „Промени за одржливост“ на Конект и Младинската асоцијација ИМКА Битола, работи на измена на Законот за донации и спонзорства во јавните дејности и на намалување на бариерите што ги создава регулативата за спречување перење пари и финансирање тероризам при пристапот на организациите до банкарски услуги.
Прочитај ја сторијата „Од идеја до мрежа од 134 организации: кога солидарноста станува сила за промени“

img 1863 2 edited 1536x864

Кога едно училиште е опремено со компјутери, тоа не значи дека е пристапно за секое дете. Јазот меѓу двете го мери проектот „Застапување за дигитална инклузија“ на Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ и ЗЕТА здружение за попреченост и правда. Во истражувањето, во кое учествуваа 304 основни и средни училишта, се покажа дека нема прецизни податоци за учениците на кои им е потребна поддршка, дека недостасуваат обучени наставници и дека финансирањето се потпира на проекти и донации. Наодите ќе бидат проверени на средби во осум градови во октомври, со директори, родители, наставници и ученици. Покрај истражувањето, организациите спорведоа пет работилници и собраа 110 учесници, а резултатите покажаа чекор напред и надеж за промена. Четири препораки за измена на законската регулатива стигнаа до Собранието, каде за прв пат се отвора и позиција советник толкувач за знаковен јазик. 

Прочитај ја сторијата „Технологијата треба да биде право, а не привилегија“

819376020 122145630087139643 1232442516046102268 n edited 1536x864

 

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Подготвени за криза, здружени за одржливост, отворени за сите