| Граѓански импулс #16 – месечен осврт на активностите на грантистите |
|
|
|
| Четврток, 14 мај 2026 13:26 | |
|
Април ја засили граѓанската динамика низ земјата, отворајќи теми што директно ги засегаат секојдневието и квалитетот на живот на граѓаните. Почнувајќи од пристап до здравствени услуги и родова еднаквост, па сè до локални политики, зелени иницијативи и образовни реформи. Грантистите на Цивика мобилитас продолжија да делуваат на повеќе нивоа, комбинирајќи теренска работа, застапување и јавни анализи.
Во полето на здравството, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ алармираше дека Македонија има една од највисоките стапки на рак на грлото на матката во Европа. На брифинг за медиуми беа презентирани наодите од мониторингот на скрининг програмата според кои само 32% од жените биле опфатени во последните три години, далеку под предвидените 75%. Податоците покажуваат и 327 нови случаи во 2023 година, како и значително повисока стапка на заболување во споредба со повеќе европски земји. Главни предизвици се недостигот на средства, недостапноста на матични гинеколози во голем број општини и недоволната едукација. ЕСЕ повика на воведување понапредни методи за скрининг и поефикасни превентивни политики. Активностите се дел од проектот „Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи“.
На младинската школа за родова еднаквост и локален активизам, одржана во Скопје од 21 до 24 април, седум млади учесници од различни градови низ земјата преку дискусии, теренска работа и креативни формати разработуваа идеи за делување во нивните заедници. Тие разговараа за родови норми и стереотипи, комуникациски формати за јавни кампањи и улогата на јавниот простор во видливоста и вклученоста на различните заедници. Интерактивната прошетка низ Скопје, водена од Антонио Павловски, отвори прашања за тоа чии гласови недостасуваат во јавниот простор. Школата се реализираше во рамки на проектот „Менторство во правосудството и младински ангажман за родова еднаквост“, што го спроведува Центарот за правни истражувања и анализи во партнерство со Македонското здружение на млади правници.
Дека промените започнуваат од локалната заедница, покажаа и жените вклучени во проектот „Активни жени“ на Хуманитарното здружение „Мајка“ од Куманово. На третата регионала средба за вмрежување, активистки и претставници на институции од Куманово, Крива Паланка и Кратово разговараа за резултатите од теренската работа и конкретните иницијативи што произлегле од заедниците. Над 200 жени ги зајакнале своите капацитети за застапување, локално учество и економско јакнење, а биле поднесени и 58 иницијативи до локалните самоуправи. Во фокусот беа прашањата за јавната хигиена, јавните простори и подобрувањето на условите за живот, при што средбите со институциите отворија простор за подиректна комуникација меѓу граѓанките и локалната власт. Во општина Куманово се одржа и средба за застапување со граѓански од населбите Карпош и Пуковско, претставници на локалната самоуправа и ЈП „Чистота и зеленило“, на која се зборуваше за јавната хигиена, инфраструктурата и условите за живот. Средбата овозможи директен дијалог и адресирање на локалните проблеми.
Во општините низ источниот регион, организациите „Гласен текстилец“, „ЕХО“ од Штип и ИНИ – Виница ја продолжија кампањата „Буџетот не е неутрален“, посветена на родово одговорното буџетирање. Истражувањето што го спроведоа покажа дека голем дел од жените сè уште не се запознаени со концептот на родово одговорен буџет, но јасно ги препознаваат проблемите што директно влијаат врз нивното секојдневие. Тие ги посочуваат недостигот на јавен превоз, небезбедната инфраструктура, недоволното улично осветлување и ограничениот пристап до услуги за грижа и нега. Преку отворени денови во Делчево, Штип и Виница, жените ги истакнаа локалните приоритети нагласувајќи дека буџетските политики мора да ги препознаат реалните потреби на заедницата. Животната средина и одржливите практики исто така беа во фокусот на априлските активности. Центарот за младински активизам КРИК го претстави „ЗЗЗ Прирачникот за зелено застапување и спроведување зелени локални иницијативи“, практичен ресурс наменет за млади, младински работници, социјални работници и локални самоуправи, со алатки, примери и механизми за зелено застапување и локално делување.
Во Шуто Оризари пак, иницијативата „Заедничко растење – Од одржлива заедница до посветла иднина“, реализирана исто од КРИК, создаде простор каде граѓаните преку интерактивни работилници разговараа за животната средина, менталното здравје и важноста на заедницата.
Образованието беше меѓу темите што силно ја одбележаа јавната дебата во април. Преку серија анализи, осврти и неделни прегледи, БИРС отвори прашања за реформите во високото образование, квалитетот на академскиот систем и ефектите од новите законски решенија. Во фокусот беа дилемите околу дигиталната трансформација, влијанието на вештачката интелигенција врз начинот на учење и пишување, како и потребата од појасни критериуми и стратешко управување со образовниот систем. Дел од анализите се однесуваа и на јавните реакции и критики поврзани со новиот Закон за високо образование, кој ја интензивираше дебатата меѓу академската заедница, институциите и јавноста. Севкупно, априлските активности уште еднаш покажаа дека локалните иницијативи, граѓанската едукација и јавното застапување остануваат клучен двигател за промени во заедниците низ земјата.
|