Активни локални совети за превенција – отпорни заедници |
![]() |
![]() |
![]() |
E martë, 27 maj 2025 10:39 | |
Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и организацијата Плиадес, заедно со Општина Чаир, на 26 мај 2025 година ја организираа работилницата „Активни локални совети за превенција – отпорни заедници“. Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, во своето обраќање ја нагласи суштинската улога на ЛСП како механизам за рана интервенција и градење на безбедна заедница. Тој подвлече дека е потребна координација помеѓу сите нивоа на власт, како и систем за размена на информации помеѓу државните и локалните институции. Ганиу истакна и дека најавените измени во Законот за локална самоуправа, кои предвидуваат воспоставување на локална полиција, може отворат нови можности за поефикасна локална превенција. За Калтрина Зеколи Шаќири, членка на ЛСП во Општина Чаир и актуелен заменик-министерка за транспорт, ЛСП се столб на локалната координација и превентивно дејствување. Според неа, потребно е тие да добијат појасен институционален статус, со законска поддршка и јасни механизми за соработка со сите надлежни институции на локално и национално ниво. Зеколи Шаќири особен акцент стави на младите како клучна и чувствителна група, кај која превентивниот пристап мора да биде интегриран и континуиран. Таа нагласи дека ангажманот не смее да се сведува само на формалното образование, туку треба да вклучува и спортски, културни и воспитни активности, преку кои младите би ја зајакнале својата отпорност кон ризици и негативни влијанија. На настанот учествуваа претставници од општинската администрација, образованието, верските заедници, како и дел од членовите на ЛСП. Тие разговараа за потребата од посистематско функционирање на Локалниот совет за превенција, неопходноста од меѓуопштинска соработка, размената на информации, потреба од поголема видливост и вклучување на повеќе чинители – како граѓански организации, училишта и верски институции – во процесите на локална превенција. На работилницата беа мапирани неколку групи проблеми како и ризиците кои ги предизвикуваат. Учесниците зборуваа за безбедноста во училиштата, булингот, сајбер булингот, за дискриминацијата, семејното насилство, мобилизацијата на квалитетни човечки ресурси, инфраструктурата, сообраќајот, ангажманот на граѓаните, особено на младите итн. Следниот чекор од оваа работилница е преточување на дел од дискусиите во план за работа и конкретни активности за Локалниот совет за превенција. Работилницата е еден сегмент од пошироките заложби за унапредување на локалните механизми за справување со општествени и безбедносни предизвици во заедниците и е организирана како дел од програмата „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“ кој го поддржува ГЦЕРФ, а го спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во партнерство со Нексус – граѓански концепт и Здружението за активен и здрав развој на жените и децата „Плиадес“.
|