Превенцијата на радикализацијата – предизвик за сите: работилници во Тетово и Охрид |
![]() |
![]() |
![]() |
E mërkurë, 27 gusht 2025 16:21 | |
Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), во соработка со Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам (НКСНЕБТ), на 15 и 16 август 2025 година организираше работилници во Тетово и во Охрид на тема „Радикализација – препознавање и методологија на работа“. Настаните ги обединија членовите на Националниот комитет и претставници од клучните безбедносни институции – Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и Министерството за одбрана. Во своето воведно обраќање, националниот координатор Павле Трајанов истакна дека стратегијата за справување со насилниот екстремизам, меѓу другото, бара и „мек пристап“ и активно вклучување на граѓанското општество. Тој подвлече дека граѓанските организации се неопходни партнери во превенцијата, а со овие работилници, МЦМС придонесува за јакнење на институционалните капацитети за навремено препознавање на ризичните процеси. Трајанов предупреди дека најопасна е радикализација на етничка основа – кога навидум „банални“ конфликти на спортски натпревари или вербални навреди можат да прераснат во сериозни етнички тензии. Тој сподели со присутните дека се подготвува закон за онлајн радикализација и укажа на потребата од меѓусекторска соработка, во согласност со новиот акциски план на Европската Унија за Западен Балкан. Посебно ги истакна предизвиците поврзани со злоупотребата на криптовалути за финансирање на радикализирани групи и вештачката интелигенција која се користи во манипулацијата при процесот на радикализација. Според него, ова ги прави дигиталната писменост и институционалното надградување особено важни. Директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, се осврна на важноста од континуирана соработка меѓу институциите и граѓанското општество и на дел од активностите што ги спроведува организацијата во областа на превенцијата на насилниот екстремизам. Проф. д-р Тања Милошевска од Институтот за безбедност, одбрана и мир – УКИМ, во своето излагање нагласи дека радикализмот сам по себе е идеолошки неутрален феномен, но станува закана кога низ процесот на радикализација преминува во оправдување или примена на насилство. Таа ги класифицираше облиците на радикализација како онлајн, офлајн и хибридни, посочувајќи дека процесот може да се развива кај индивидуи, организирани групи или во специфични средини – затвори, училишта и виртуелни заедници. Милошевска ги презентираше индикаторите за рано препознавање, ризичните фактори и најранливите категории, како и методите за мапирање на патеките на радикализацијата. Таа истакна дека систематското следење на трендовите и развојот на медиумската писменост се предуслови за ефективна превенција, особено во разбирањето на „push“ и „pull“ факторите кои ја хранат радикализацијата. Практичниот дел беше модериран од проф. д-р Методи Хаџи-Јанев од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“. Тој ја разработи улогата на полицијата и безбедносните институции во раната превенција, нагласувајќи дека транспарентноста во одлуките и односот со јавноста е клучна за легитимитетот на институциите. Хаџи-Јанев се осврна на концептот „полиција во заедницата“, градењето доверба и неопходноста од етичка рамнотежа меѓу заштитата на приватноста и јавната безбедност. Преку практични примери, сценарија и игра на улоги, беа демонстрирани конкретни пристапи за постапување со лица кои покажуваат знаци на радикализација, при што се истакна централното место на мултисекторската координација – вклучувајќи ги образовните, социјалните и верските институции, заедно со безбедносните служби. Ставајќи се во улога на родител, наставник, верски водач, претставник на граѓанска организација, полициски службеник па дури и младо лице со проблематично однесување, учесниците можеа да искусат, макар и како вежба, како изгледа да се биде во чевлите на другиот. Нивните искуства беа позитивни. Тие ги нарекоа конструктивни искуства кои им овозможиле да разберат како им е на родителите кои мораат да балансираат меѓу детето и полицијата, како им е на наставниците кои би требале да бидат мултиплицирани родители кои треба да препознаат како да реагираат на проблематично однесување, дали можат сами да се справат или треба да повикаат помош. Интересни беа и реакциите на верските водачи кои треба да ја имаат и улогата на верски едукатори на заедницата, потоа реакциите на полициските службеници кои треба да го задржат кругот на чинители отворен, да ги имаат предвид сите перспективи. Покрај тоа, учесниците ги споделија и предизвиците со кои се соочуваат во секојдневната работа – потреба од подобра техничка опременост, недоволна институционалната координација и недоволно јасна распределба на надлежностите. Овие фактори, според нив, понекогаш создаваат конфузија во постапувањето и го отежнуваат спроведувањето на превентивните механизми. Тие оценија дека ваквите обуки овозможуваат подлабоко разбирање на процесите и создаваат основа за поусогласена меѓу институционална соработка. Работилниците уште еднаш ја потврдија потребата од континуирана едукација на професионалците, зајакнување на институционалната и граѓанската доверба и градење партнерство меѓу државните и општествените актери – како предуслов за поефективна превенција на радикализацијата и насилниот екстремизам.
|