Зајакнување на локалната отпорност – работилница за П/СНЕ во Дебар |
![]() |
![]() |
![]() |
E hënë, 30 qershor 2025 13:44 | |
На 4 јуни 2025 година, во просториите на Општина Дебар, Македонскиот центар за меѓународна соработка организираше работилница со членовите на Локалниот совет за превенција (ЛСП) на тема „Насилниот екстремизам и потребата од повеќечинителски пристап во неговата превенција на локално ниво“. Работилницата имаше за цел да ги зајакне капацитетите на членовите на ЛСП во Дебар за препознавање и адресирање на факторите кои водат кон радикализација и насилен екстремизам, како и да поттикне идеи за локални иницијативи што можат да придонесат кон ефективна превенција, таму каде што ќе се утврди реална потреба. Градоначалникот на Општина Дебар, Хекуран Дука, потенцираше дека локалната власт е посветена на унапредување на превентивните механизми и истакна дека соработката со МЦМС претставува заеднички чекор за проактивен пристап кон општествените предизвици, особено во однос на младината. На работилницата зборуваше Златко Апостолоски, поранешен Национален координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам. Тој ги запозна учесниците со клучните поими поврзани со насилен екстремизам и радикализација, институционалната поставеност и правната рамка за делување, како и со улогата на општините, граѓанското општество и другите релевантни чинители во процесите на превенција и спречување. На работилницата беше акцентирана потребата од координација помеѓу локалната и централната власт. Членовите на ЛСП во дискусиите ги истакнаа предизвиците со капацитетот на локално ниво како што е недостатокот на инспектори за семејно насилство и за малолетничка деликвенција. Тие се осврнаа и на клучните области каде е потребна локална превенција. Меѓу приоритетните теми беа издвоени: едукација на деца и млади за препознавање на ризици во било која област. Ова бара подготвеност што опфаќа основни вештини за постапување во кризни околности, со цел зајакнување на индивидуалната и колективната отпорност. Дополнително, беше дискутирано за управување со сезонски сообраќајни предизвици и заштита на критична инфраструктура. Оваа работилница претставува прв чекор во серијата активности кои ќе следуваат во Општина Дебар, за градење на поотпорна и побезбедна заедница. Во следниот период, МЦМС ќе продолжи со поддршка на ЛСП преку организирање на уште две работилници и еден заеднички настан, во согласност со потребите на општината и предложените теми од членовите на ЛСП од Дебар. Работилницата е дел од програмата „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“ кој го поддржува ГЦЕРФ, а го спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во партнерство со Нексус – граѓански концепт и Здружението за активен и здрав развој на жените и децата „Плиадес“.
|