Граѓанските активисти од Крушево имаат потреба од средби за информирање за актуелните случувања во граѓанското општество |
![]() |
![]() |
![]() |
E martë, 27 maj 2025 08:56 | |||
На 21.05.2025 година во просториите на ОУ Никола Карев во Крушево тимот на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – втора фаза” реализираше отворен ден со граѓанските организации и граѓаните, како дел од Мобилниот ресурсен центар во општина Крушево. Целта на средбата беше локалните организации да се информираат за актуелните случувања за развој на граѓанското општество на национално ниво, можностите за финансирање и јакнење на граѓанските организации, можностите што ги нуди Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) и други теми и прашања кои се од интерес за функционирањето на организациите на локално ниво. Покрај граѓанските организации на настанот беа присутни и претставници на општинската администрација, млади активисти и волонтери и претставници на бизнис заедницата што соработуваат со граѓанските организации. Лефкија Гажоска, претседателка на Социо-економскиот центар за туристички услуги-Феел Крушево (Feel Krushevo), здружение кое претставува локална платформа за развој на туризам, истакна дека нивниот фокус е промоција на производство на локални еко-производи, но исто така и дека е запознаена и го следи ГРЦ со што нивниот пристап до информации е многу олеснет. На средбата беа присутни и неколку претставници на организации на кои главен фокус им се младите, дел формирани неодамна, но и организации кои постојат повеќе од 25 години. Андигона Антеска, преставничка на ГО Центар за хумани односи, Крушево која е една од овие организации, истакна дека истите добиваат поддршка од општината со простор и опрема, како и финансиска поддршка и ја поздрави посетата на ГРЦ во Крушево бидејќи, како рече, како мала општина, граѓанските организации имаат потреба од повеќе вакви средби каде ќе имаат можност да се информираат за актуелните случувања поврзани со развојот на граѓанското општество. Драган Јанкоски, претставник на Здружението за локален развој Академик од Крушево сподели дека имаат имаат искуство во меѓународни проекти, како и соработка со општината во многу проекти, а токму со еден таков проект изграден е детски забавен парк до спомен-куќата на Тоше Проески. Граѓанските организации од Крушево се вмрежуваат и соработуваат регионално, добиваат помош од општината и Домот на Културата со простор и поддршка при организација на настани, но изјавија дека за жал недостига интерес и поддршка од граѓаните. Посетата на Крушево ја завршивме со краток состанок со градоначалникот Томе Христоски, кој ја потврди поддршката и соработката со граѓанските организации кои се отчетни и транспарентни во својата работа. За остварување на соработката на граѓанските, меѓународните, хуманитарните и други организации со општинската администрација е одговорно Одделението за Локален економски развој и прекугранична соработка. Општината нема посебна Стратегија за соработка со граѓанските организации, туку тоа е дел од Стратегијата за локален економски развој на општина Крушево 2023-2027, но во општинскиот буџет има алоцирано средства за финансирање на активности на локалните организации, кои се доделуваат на отворен повик за финансирање на активности на здруженија на граѓани. Исто така, општината има Комисија за еднакви можности помеѓу мажите и жените, како и Службеник за млади. Посетата на Мобилниот ресурсен центар беше организирана во рамки на проектот „ЕУ поддршка на Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.
|