Студиска посета на Ерусалим - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Студиска посета на Ерусалим PDF Печати Е-пошта

Во периодот од 31 октомври до 05 ноември 2008 година, како дел од програмата Меѓурелигиска соработка во Македонија, реализирана е Студиска посета на Ерусалим. Цел на посетата беше да се даде придонес кон зачувувањето на мирот и превенцијата на конфликти во Македонија, преку запознавање, размена на мислења со другите земји (во случајов Израел) и развој на заедничките напори за превенција на конфликтите. Македонската делегација беше составена од 16 претставници (членови на верските заедници, Комисијата за односи со верските заедници и претставници од МЦМС).

Студиска посета на ЕрусалимУчесниците беа претежно членови на Управувачката група и Издавачкиот Совет на програмата, додека пак, дел од нив беа определени од самите заедници. Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) беше целосно одговорен за настанот, додека пак организатор - домаќин беше Jerusalem Inter-church Centеr (JIC). Верските заедници од Македонија беа консултирани за целосната организација на посетата (термин, агенда, учесници, организација), преку Управувачкиот Совет на програмата (док. 10-78/16-2008).

Активноста е спроведена според планираното. Македонската делегација имаше можност да оствари средба со повеќе експерти за конфликтот во Израел/Палестина, како и со Израелски граѓански и верски организации кои се занимаваат со лобирање, застапување и заштита на човековите права во Израел и окупираните територии. Еден од експертите беше и претставникот на United Nations Office of Humanitarian Affairs, Occupied Palestinian Territory, Ray Dolphin кој ги презентираше нивните наоди во поглед на Израелско/Палестинскиот конфликт. Накратко ни појасни дека во 2002 година, како одбрана од терористичките самоубиствени напади на Палестинците во земјата, Израел започна со изградба на Бариерата или Заштитниот ѕид кој го дели Израел од Западниот Брег и појасот Газа. Сепак, тој појасни Заштитниот ѕид не ја почитува утврдената граница помеѓу Израел и Западниот Брег која е донесена со примирјето во 1949 година. Тој појасни дека во 1967 година Израел започна со окупација на Западниот Брег, и започнува со доселување на евреите во окупираните територии, а раселување на Палестинското население. Ѕидот е изграден на тој начин што ги изолира земјата и водените ресурси на поголем број на Палестинци, особено фармерите кои додека престојуваат на Источниот дел од бариерата им требаат посетителски дозволи да влезат на своите поседи, преку назначените влезови. Покрај Заштитниот ѕид, на Палестинското население му е ограничен пристапот до главните патишта со многу рампи, бетонски блокови и земја. Меѓународниот суд на правдата во јули 2004 се согласи дека ѕидот е нелегален според меѓународните хуманитарни и закони за човекови права.

Потоа учесниците имаа можност да се запознаат со Израелски организации кои работат на полето на заштитата на човековите права, како Breaking the silence, Rabbies For Peace и B’etsleem. Breaking the silence беше интересна бидејќи станува збор за организација која се состои од  поранешни Израелски војници, кои служеле воен рок во окупираните територии и се сведоци или учествувале во воени акции, со кои денес не се гордеат. Организацијата настојува ја запознае Израелската јавност преку пишување и издавање на сведоштва за нивните постапки во окупираната територија. Rabbies For Peace е единствената еврејска верска организација, која работи на заштитата на човековите права. Се состои од рабини и студенти чии што активности меѓу другите се: заштита на човековите права на Палестинците (против рушењето на палестинските објекти и преземањето на палестинските поседи) и поддршка на палестинските работници во нивната работа (обработка на земја). Наредната организација која имаа можност да ја запознаат беше B’etsleem, која преку лобирање и застапување се бори за заштита на човековите права во окупираната територија. Оваа организација ја има и воедно најголемата база на податоци за кршењето на човековите права.

Учесниците имаа можност да посетат еден од камповите во Витлеем да ги видат условите во кои живеат Палестинците во камповите и да поминат низ терминалите. По оваа средба следеше средбата со Кругот на родителите или Parents Circle. Тоа е организација на родители, кои изгубиле свое дете за време на конфликтот. Членови на оваа организација се и Израелци и Палестинци и како што и самите велат тоа е единствената група која не би сакала да добие уште еден нов член. Овие родители се среќаваат меѓу себе и разговараат за својата загуба, без оглед на националноста. Средбата со нив беше премногу трогателна.

Беше остварена и средба со David Rosen, директорот на American Jewish Committee, Department for Interreligious Affairs, кој не информираше за меѓуверскиот дијалог во земјата. Од ова излагање се создаде сваќање дека меѓуверскиот дијалог во оваа земја не е на многу високо ниво, како и дека најголемото и најзначајното нешто што во овој период е направено е формирањето на Council of Religious Institutions of the Holy Land, составен од 15 верски лидери од Палестина и Израел од различни верски заедници, кои во иднина се очекува дека ќе разговараат за многу значајни заеднички прашања. За меѓуверскиот дијалог имавме можност да разговараме и со директорот за верски прашања при Министерството за надворешни работи, потоа и со Лутеранскиот Бискуп, која даде доста интересни идеи и насоки каде во иднина би можел да се движи меѓуверскиот дијалог во Израел/Палестина. Средби за време на вечерите беа остварени и со Bernard Sibella од Department of service for Palestinian Refugees, директорот Shlomo Kassin на универзитетот Yeshiva Beit Midrash Sepharadi, (универзитетот каде што студира нашиот рабин Ави Козма), а беше остварена средба и со македонскиот рабин Ави Козма и амбасадорот на Македонија во Израел г-дин Пајо Авировиќ.

Покрај средбите учесниците имаа можност заеднички да посетат значајни христијански, исламски и еврејски знаменитости и верски објекти, како на пример Црквата на објавата на Христовото раѓање (во Назарет), Црквата на Рождеството (во Витлеем), местото Капернаум (кое се смета за база на Исусовото служење), Кана Галилејска (местото каде што Исус за првпат направил едно од своите чуда, претворил вода во вино), Светата река Јордан, Гробот на Исус, Гробот на Богородица, Ѕидот на плачот, Музејот на холокаустот Yad Vashem, џамијата Ал Акса.

Извршно резиме од проектот.

 

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна За нашата работа Програми