Огледало на Владата: Годишен извештај од следењето на ЕНЕР во 2023 - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Огледало на Владата: Годишен извештај од следењето на ЕНЕР во 2023 PDF Печати Е-пошта

Автор: Валентина Величковска
Датум: април, 2024 г.
PDF: ogledalo-na-vladata-2023.pdf

ogledalo na vladata 2023Активно и транспарентно вклучување на граѓаните и граѓанските организации во креирањето на правната регулатива е предуслов за едно демократско општество чии постулати се транспарентноста и отчетноста. Учеството на јавноста во процесите на подготовка на закони и креирање политики овозможува нивно влијание во развојот на политиките и законите кои ги засегаат. Преку учеството на засегнатите страни, Владата има пристап до нови идеи, информации и ресурси важни во процесот на креирање политики. Консултациите придонесуваат кон градење на меѓусебната доверба и развивање на демократските принципи.

Неколку законски акти во државата ја даваат основата за вклучување на јавноста во процесите на креирање политики и закони. Тоа се Уставот на Република Северна Македонија, потоа Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување, Законот за работа на Владата, Законот за организација и работа на органите на државната управа и др. Исто така, низа подзаконски акти го регулираат ова прашање, како: Деловник за работа на Владата на РСМ, Кодекс на добри практики за учество на граѓанскиот сектор во процесот на креирање политики, Стратегија на Владата за соработка со и развој на граѓанскиот сектор, Методологија за процена на влијанието на регулативата, Упатство за начинот на постапување во работата на министерствата во процесот на спроведување на процената на влијанието на регулативата, Правилник за организација на јавни консултации при започнување на легислативен процес, итн.

Електронски консултации за предлог-законите се овозможени преку Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР). Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) е одговорно за развивање и одржување на ЕНЕР, а секое поединечно министерство е одговорно за поставување на содржините (предлог-законите и другите пропратни документи) кои се во негова надлежност. На сајтот на ЕНЕР, секоја засегната страна може да го изнесе своето мислење и да даде коментари и сугестии за објавените предлог-закони. Согласно со Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија, министерствата се должни да ги објавуваат на ЕНЕР предложените предлог-закони уште во процесот на нивна подготовка, со цел истите да бидат достапни за јавни консултации минимум 20 дена. Иако постојат различните законски можности за консултации, сепак ЕНЕР останува речиси единствена алатка за јавен увид на предлог законите. Ова ја наметнува потребата за неговото континуирано следење.

Од 2013 година редовно ја следиме практиката на објавување на предлог-закони на ЕНЕР. Во овој извештајот се претставени резултатите од следењето на минимумот стандарди за учество на јавноста во подготовка на законите, односно објавување и запазувањето на временскиот рок за консултации за објавените предлог-закони на ЕНЕР во 2023 година. Извештајот содржи и добри практики на министерствата во почитување на обврските за објавување на предлог-закони и други пропратни материјали на ЕНЕР. Извештајот треба да им послужи на организациите, државните службеници и општо на јавноста да се информираат за отвореноста на органите на државната управа во процесот на креирање политики. Намерата е да придонесе кон подобрена застапеност и учество на граѓанското општество во подготвувањето на јавните политики, преку информирање за спроведувањето на постоечкиот механизам (ЕНЕР) со кој е предвидено вклучување на јавноста.

Имајќи предвид дека станува збор за долготраен процес на градење на знаење и доверба, потребно е континуирано да се работи на подобрување на можностите за вклучување на јавноста со цел создавање квалитетни предлог-закони и нивно подобрено спроведување. Дополнително, потребно е и стекнување доверба кај јавноста што понатаму ќе го легитимира одлучувањето и работењето на законодавната и извршната власт.


Поврзани:

 
Се наоѓаш тука  : Почетна За нашата работа Истражувања и публикации Листа на истражувања и публикации