Стратегија за соработка на општина Јегуновце со граѓанскиот сектор и негов постојан развој |
![]() |
![]() |
![]() |
Дата: 2012 година
Најголемо влијание е направено во областа на родовата рамноправност и едукација за жените од руралните подрачја, како и организации кои ја промовираат културата, ги поддржуваат младите и спортот. Тргнувајќи од овие факти, општина Јегуновце одлучи да го поттикне граѓанскиот активизам во општината, да унапреди соработката со граѓанските организации и да придонесе кон нивни постојан развој. Овој стратешки документ и активностите предвидени во него ќе претставуваат водечка рамка за политиката на општината кон граѓанскиот сектор и кон поттикнување на граѓаните да бидат вклучени во креирањето на локалните политики. Усвојувањето на Стратегија за соработка на општина Јегуновце со граѓанскиот сектор и негов постојан развој е индиректен придонес и кон реализирање на една од стратешките заложби определени во Стратегијата за соработка на Владата со граѓанскиот сектор (2007-2011 г.). Имено, во седмата цел од националната стратегија предвидено е „Преку промовирање на целите и мерките на стратегијата на локално ниво, единиците на локалната самоуправа ќе ја препознаат важноста на соработката и развојот на локалните граѓански организации и ќе можат да усвојат слични механизми за соработка и вклучување на граѓанските организации во спроведување заеднички активности“. Процесот на подготовка на стратегијата е воден од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) како дел од проектот „Граѓански дијалог на локално ниво“ спроведуван од МЦМС, а финансиски поддржан од Европската Унија преку инструментот за демократија и човекови права (ЕИДХР). Стратегијата е усвоена на 29 декември 2011 г. на 34 седница на Советот на општина Јегуновце. |