Анализа на меѓународните стандарди и најдобри практики |
Автор: Проф. д-р Мирјана Најчевска и Александра Тасевска Анализата е направена во рамките на комплексните активности на промоција на идејата за антидискриминаторска регулатива во Република Македонија, напорите за изработка на антидискриминаторски закон и развојот на стратегии за негова имплементација во пракса. Цел на анализата е да се сумираат основните искуства во оваа област, да се согледаат досегашните и актуелните развојни линии, да се систематизираат стандардите и да се понуди материјал за избор на најсоодветен пристап во развојот на антидискриминаторска легислатива за Република Македонија. Анализата е дел од проектот: „Македонија без дискриминација“ поддржан од страна на Комисијата на ЕУ. Анализата на меѓународните стандарди и најдобри практики во антидискриминаторската легислатива претставува појдовна основа во одредувањето на позицијата во Република Македонија и во дефинирањето на најдобриот/најприфатливиот модел на легислатива (законска и подзаконска) за заштита од дискриминација за Република Македонија. Во исто време, оваа анализа претставува и дел од напорите за анимирање на политичката и пошироката јавност за проблемите на дискриминацијата, можните и пожелните решенија во легислативата, развојните правци во дефинирањето на политики за имплементација на легислативата, како и за механизмите за заштита од дискриминацијата. Националната антидискриминаторска легислатива (Законот за спречување и заштита од дискриминација, соодветната подзаконска регулатива, стратегиите, акционите планови и политиките) треба да претставува одговор на директивите дадени од страна на Европската Унија до владите на земјите членки на Унијата. Имајќи предвид дека директивите на ЕУ ќе имаат влијание врз легислативата на Република Македонија во процесот на хармонизацијата на нејзиното законодавство со стандардите на ЕУ, рационално е нивно внедрување во процесите на глобалната реформа на постојното законодавство, институционалните решенија и во реформата на судството. |