Мали развојни иницијативи (МРИ) - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Мали развојни иницијативи (МРИ) PDF Печати Е-пошта

МЦМС ги поддржува граѓанските организации и општините во нивните напори за застапување засновано на факти и финансиска одржливост, одржлив развој на заедниците како и за подобрување на соработката на национално, регионално или глобално ниво. Исто така, МЦМС веќе неколку години спроведува активности за развивање на односите и со македонската дијаспора и ја поддржува работата на Заедничкиот консултативен комитет (ЗКК) ЕУ-РМ.

Општа цел на проектот е зајакнати граѓански организации и општини кои влијаат на политиките и ги застапуваат своите целни групи и заедници. Цел на проектот е создавање основа за активности на граѓанските организации и општини за застапување засновано на факти, финансиска одржливост, соработка и одржлив развој.

Целна група на проектот се општата јавност, граѓанските организации од Македонија, општините и македонската дијаспора. Директни корисници се граѓански организации, општините и други актери од општеството: универзитетите, државните институции, медиумите и сл. Целното подрачје и локација на спроведување на проектот е целата територија на Македонија. 

Реализирани резултати од проектот се: Поддржани граѓански организации и неформални групи во нивните напори за влијание на политиките и финансиска одржливост; Поддржани заедници и Овозможена соработка со македонската дијаспора.

Во периодот 1 февруари - 31 декември 2015 беa реализирани следните активности:

  1. Поддржани граѓански организации и неформални групи на граѓани во нивните напори за вкоренување, финансиска одржливост и соработка: Во текот на 2015 г. беа поддржани неколку граѓански организации и други неформални групи на граѓани. МЦМС ја поддржа Студентската иницијатива за одбрана на правата на студентите – Студентски пленум, со опрема за кампување со цел да придонесе за подобрување на условите во двата студентски кампа. Националниот совет за родова рамноправност (СОЖМ) доби поддршка за учество на конференција во Сараево, a Транспаренси Интернешнл – Македонија со поддршка на МЦМС учествуваше на 16-тата меѓународна конференција за антикорупција во Малезија. Со помош на МЦМС беа лекторирани и испечатени публикацијата „Кој е ‘лепакот’ што ги врзува заедниците во мултиетничка Македонија?“ ДЕДЕ – формула за стабилност на Ризван Сулејмани и „Улогата на социјалниот работник во социјалната реинтеграција на лицата со проблематична употреба на хероин“ на Славица Шекуткоска. Исто така испечатена беше и книгата „Божјо Слово“ од авторот Михаил Цеков, а за потребите на Центарот за информативна и логистичка поддршка – Нов контакт беа испечатени флаери. Во рамки на оваа активност, во текот на 2015 година, беше поддржана и Фондацијата на болни од Паркинсова болест.
  2. Поддршка на заедниците: МЦМС во соработка со Сокотаб од Битола донираше хуманитарна помош за настраданите од поплавите во Пелагонискиот регион. Помошта се состоеше во дистрибуција на флаширана вода за пиење и хигиенски пакети. Во општина Могила помогнати беа 271 семејствo од 8 села на кои доставена им беше помош од 790 хигиенски пакети (тоалетна хартија, сапун, сјај), додека во општина Долнени помошта се состоеше од 5.670 литри флаширана вода која беше диструбуирана во 8 села.
  3. Соработка со македонската дијаспора: Во соработка со Обединетата македонска дијаспора (ОМД), МЦМС го спроведе проектот „Родум од Македонија“, во рамки на кој во периодот 10- 31 јули поддржа престој на 4 студенти од САД и Канада. МЦМС обезбеди сместување за студентите во семејства домаќини и практична работа во организации/институции соодветни за нивните академски цели и интереси. Во рамките на нивниот престој тие имаа можност да присуствуваат на неколку културни манифестации, но, и да се запознаат со работата и да бидат гости во Собранието на Република Македонија, Амбасадата на САД и Министерството за одбрана на Република Македонија. Во текот на новниот престој беа организирани и неколку неформални средби и собири за градење на пријателства и споделување на информации и искуства. Во рамки на оваа активност, покрај проектот „Родум од Македонија, а со цел да се направат консултации за повеќе прашања со организации од македонската дијаспора беа остварени две посети во Женева/Ивердон/Базел, Швајцарија и во Виена, Австрија.
  4. Регионална соработка: Во текот на годината МЦМС ја поддржа организацијата Граѓански иницијативи од Белград во градење на нивните капацитети, како членка на мрежата БЦСДН.
  5. Заеднички консултативен комитет на Република Македонија и Европската Унија за граѓанско општество (ЗКК): Во 2015 г. беше обезбедена поддршка за Конфедерацијата на синдикални организации за Македонија (КСОМ) за учество во ЗКК.

Периодот на спроведување беше од 1 февруари до 31 декември 2015 г .

Вкупниот буџет на проектот изнесувапе 1.645.291 МКД.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна За нас Нашата историја Мали развојни иницијативи (МРИ)