Борба против корупција и организиран криминал |
Корупцијата е еден од најсериозните проблеми со кои Македонија се соочува во моментов. Извештајот за напредокот на земјата подготвен од страна на Европската комисија во октомври 2012 констатира дека постои недостаток на анализа на корупцијата и начини државата да се справи со неа. Потребно е дополнително зајакнување на оперативната соработка и размена на информации меѓу институциите. Надзорот и спроведувањето на законот од страна на Државниот завод за ревизија (ДЗР), ДКСК и другите органи се попречени од недостатокот на координиран систем на следење на исходот од прекршочните или кривични постапки кои се започнати. Статистичкиот систем за следење на политиките за спречување на корупцијата е недоволно развиен. Јавната свест за борба против корупцијата е ниска. Ресурсите за ефективна акција против корупцијата се недоволни. Потенцијалот на граѓанските организации не е целосно искористен како инструмент за зајакнување на граѓанското барање за поправедно општество без корупција и еднаква распределба на моќ, одговорност и транспарентност. Општата цел на проектот е активно граѓанско општество кое влијае на јавните политики, ги одржува институциите отчетни и придонесува кон повисок интегритет на целото општество. Цел на проектот е промоција и зајакнување на граѓанските организации, партнерствата и капацитетите за откривање и борба против корупцијата и нејзините врски со организираниот криминал и зголемена свест на граѓаните за овие појави. Очекувани резултати се: 1) Развиена детална анализа за состојбата и динамиката на корупцијата и организираниот криминал во Македонија; 2) Информирани креатори на јавни политики и информирана јавност за обемот и ефектите од проблемот; 3) Споделено искуство и зајакнати капацитети на граѓанските организации и партнерствата за следење на корупцијата и нејзината поврзаност со организираниот криминал. Резултатите ќе се постигнат преку следните активности: 1.1. Подготвително истражување и анализа. Преку анализа на документи и стручна литература ќе се собираат основни информации кои што ќе имаат за цел да ги поддржат наодите од националната анкета за корупција. Ваквото подготвително истражување ќе биде спроведено заеднички со партнерите од ЦСД и ќе биде фокусирано на општата политичка и економска состојба во Република Mакедонија во периодот од 2002 до 2012 г. 2.1. Форум за јавни политики. Со цел да биде обезбедена поширока јавна дебата и подигнување на јавната свест, ќе биде организиран национален анти-корупциски форум за јавни политики. Покрај локалните засегнати страни, на форумот ќе учествуваат и меѓународни и регионални експерти. Се очекува истиот да биде широко покриен од медиумите и да ги адресира најкритичните проблеми поврзани со корупцијата и организираниот криминал во со кои што се соочува Македонија. 3.1. Обуки. Со цел да се обезбеди градење на капацитети и да се донесе регионална размена на знаења и искуства, ќе бидат организирани две дводневни обуки, каде што партнерите од ЦИД ќе ги пренесат нивните искуства во справувањето со корупцијата и организираниот криминал во Бугарија. На овие обуки дваесет претставници на граѓанските организации и дваесет новинари ќе бидат запознаени со основните облици на корупција и поврзаноста со организиран криминал, како и начините за следење на овие појави. Дополнително, ќе биде организирана и една работилница за органите на државната управа, одговорни за креирање и спроведување на законодавството поврзано со борба против корупција и организиран криминал. Периодот на спроведување е 1 јануари 2014 – 31 март 2015. Проектот го спроведува МЦМС во соработка со ЦИД од Бугарија. Проектот е финансиран од Европската Унија.
|