Одржана информативна сесија за повикот за Акциски грантови за поддршка на локалните избори 2025 - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Одржана информативна сесија за повикот за Акциски грантови за поддршка на локалните избори 2025 PDF Печати Е-пошта
Среда, 05 март 2025 16:11

На 4-ти март 2025 се одржа онлајн информативна сесија за повикот за Акциски грантови за поддршка на локалните избори 2025. Настанот привлече претставници од над 60 претставници на граѓански организации, кои имаа можност да се запознаат со условите и критериумите за аплицирање. Главната цел на повикот е зајакнување на демократијата во Република Северна Македонија преку унапредување на изборниот процес, со акцент на транспарентноста, кредибилитетот и инклузивноста.

Untitled design 4 MCMS

Во првиот дел од информативната сесија беа презентирани целите на повикот, очекуваните резултати, расположливите финансиски средства, критериумите за подобност и начинот на аплицирање наведени во Упатството. Формуларот за аплицирање, буџетот и останатите документи потребни за аплицирање исто така беа објаснети. Во вториот дел присутните имаа можност да поставуваат прашања и да добијат појаснување и одговори.

Посебен интерес кај присутните предизвикаа критериумите за подобност, а едно од прашањата беше поврзано со потребата за завршување на четири онлајн обуки, достапни на платформата АКАДЕМИЈА на ГРЦ (https://rcgo.mk/akademija/).  Обуките се снимени и можат да се следат во било кое време. За да можат да аплицираат, организациите треба да ги имаат завршено следните четири обуки:

  1. Обука за Планирање проекти и пишување проектна аликација (6 модули, распределени во 2 недели; добивате нов модул секој втор ден)
  2. Обука за односи со јавност (3 модули, распределени во една недела; добивате нов модул секој втор ден)
  3. Обука за Добро управување во ГО (1 модул, во времетраење од околу 10 минути)
  4. Обука за Транспарентност и отчетност (1 модул, во времетраење од околу 12 минути)

Освен завршените обуки, организациите мора да го пополнат Инструмент за самооценка на организациските капацитети. Од апликантите не се бара да испратат дополнителна потврда дека ги исполнуваат овие два критериума за подобност.

Присутните на сесијата поставија прашања и за критериумот за докажано искуство на организацијата во областа на набљудување и поддршка на избори. За исполнување на овој критерум организацијата треба да има најмалку една иницијатива или активност или проект за поддршка на локални/парламентарни/претседателски избори или поддршка на изборниот процес или почитување на избирачките права. Во однос на прашањето дали искуството на индивидуални членови од организациите како набљудувачи на локалните избори ќе се смета за релевантно беше одговорено дека учеството на членовите ќе се признава само доколку тие членови можат да докажат дека биле ангажирани како претставници на организацијата во изборниот процес.

Дел од прашањата беа поврзани со критериумите за прифатливи и неприфатливи трошоци. Од тимот на ГРЦ истакнаа дека трошоци за надоместок на државни службеници или друг персонал вработен/ангажиран во јавна администрација на централно и/или локално ниво се неприфатливи трошоци на овој повик, додавајќи дека подетално за ова прашање заинтересираните можат да најдат во Упатството, точка 2.1.3. Подобност на трошоци.

Организациите кои не беа во можност да присуствуваат на сесијата можат да постават прашање поврзано со повикот на следнава емаил пошта: Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите со назнака: Прашање за повик со референтен број 08-20/1-2025, најдоцна до 20 март 2025г, до 17:00 часот (македонско време). Одговорите на поставените прашања (вклучително и оние поставени на оваа инфо сесија)  ќе бидат објавени на www.rcgo.mk, не подоцна од 28 март 2025г.

Акциските грантови за поддршка на локалните избори 2025 се дел од проектот „ЕУ поддршка на Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“ финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.


Поврзани:

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Одржана информативна сесија за повикот за Акциски грантови за поддршка на локалните избори 2025