Мобилниот ресурсен центар – можност за поголема активност на граѓанското општество на локално ниво - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Мобилниот ресурсен центар – можност за поголема активност на граѓанското општество на локално ниво PDF Печати Е-пошта
Вторник, 30 јули 2024 14:02

Од 2018 година до сега, Граѓанскиот ресурсен центар спроведе 38 посети на Мобилниот ресурсен центар (МРЦ) низ државата на кои учествувале над 500 претставници на локални организации, активисти, млади, претставници на локалната администрација и други чинители. Една од целите на овие посети е информирање на локалните организации за актуелните случувања поврзани со развој на граѓанското општество, можностите за финансирање и јакнење на граѓанските организации, можностите што ги нуди Граѓанскиот ресурсен центар, ЕУ агендата и други теми и прашања кои се од интерес за функционирањето на организациите на локално ниво.

karta mk scaled e1722328317823 MCMS

Посетите на МРЦ им дадоа можност на локалните организации да ги споделат предизвиците со кои се соочуваат и прашањата од локалната заедница кои треба да се решат, доближувајќи го на тој начин Граѓанскиот ресурсен центар до локалните организации во различните општини и региони. Учесниците на посетите на МРЦ како најчест предизвик го истакнаа пристапот до фондови и нивната финансиска одржливост. Организациите се соочуваат и со недостаток и одлив на човечки ресурси и слаб интерес кај младите за волонтирање и за нивно вклучување во работата на ГО. Оттука е и главниот предизвик како да се мотивираат првенствено младите активно да се вклучат во работата на граѓанските организации и да им се понудат соодветни услови за работа и напредок. Помалите организации, особено во руралните средини, се соочуваат и со недостаток на просторни и технички капацитети што дополнително ја усложнува ситуацијата. Организациите сметат дека праксата општините да обезбедуваат простории за канцеларии на активните граѓански организации треба да се прошири во сите општини, истакнувајќи дека имањето простории е многу важен фактор за обезбедување на основна одржливост на малите локални организации. Дополнителна пречка во дел од општините претставува и недоволната меѓусебна соработка и вмрежување. Голем дел од организациите ја истакнаа потребата од поддршка за вмрежување, а пред се за вклучување во поголеми мрежи за заеднички активности и акции. Локалните организации не се доволно запознаени со можностите што ги нуди социјалното претприемништво и постојат малку примери на успешни локални организации активни во оваа област. На средбите од низа организации беа побарани информативни настани и обуки за социјално претприемништво. Друг значаен предизвик со кој се соочуваат локалните организации е недоволна вклученост и слабата информираност за механизмите на вклучување на ГО во работата на локалната самоуправа. Овој предизвик особено се однесува на вклучување на ГО во креирање на политики на локално и регионално ниво.

3 e1722328599499 980x551 MCMS

За време на средбите, освен граѓанските организации, свое задоволство од посетите на МРЦ искажуваат и самите општини и другите чинители. „Како претставник од Општината особено значајно ни е што имате интерес за помалите места и за помали и помлади граѓански организации, преку јакнење на капацитетите на вашите онлајн обуки, информации за повици и останатиот делокруг на делување. Се надеваме на плодна соработка како со здруженијата на граѓани така и со Општина Македонски Брод – истакна Вања Димоска од Општина Македонски Брод на средбата одржана во оваа општина на 01 декември 2023. Неретко, на средбите присуствуваат и градоначалниците на  некои од посетените општини. На средбата одржана на 10 Јуни 2024 присуствуваше и г-дин Аријан Ибраим, градоначалник на општина Центар Жупа, кој истакна дека како општина се соочуваат со голем проблем на миграција на млади во странство и дека истите кога доаѓаат назад не се заинтересирани да придонесат нешто повеќе за заедницата. Дополнително, општината се соочува и со финансиски и проблеми со инфраструктурата. Меѓутоа г-дин Ибраим истакна дека како општина се отворени за соработка, ги подржуваат граѓанските организации и би ја подржале секоја нивна нова иницијатива која ќе придонесе за заедницата.

2 980x551 MCMS

Покрај информативниот карактер на овие посети, на средбите учесниците имаат прилика подетално да се запознаат и со начинот и условите за градење капацитети на граѓанските организации на различни теми, Инструментот за самооценка на организациските капацитети, ресурсната поддршка и други активности на ГРЦ кои се од интерес за развој на граѓанското општество. „Премногу сме задоволни што Граѓанскиот ресурсен центар ни ја нуди потребната поддршка, што нас како млада организација ни е повеќе и од потребна. Најмногу не заинтересираа обуките кои ги нудите во рамките на овој проект, како што се обуки за стратешко планирање, финансиско работење, отчетност и транспарентност, пишување на проекти.” – изјави Магдалена Здравеска од  Здружението за локален развој ЛОКАЛ АКТ Македонски Брод, на средбата одржана во општина на 01 декември 2023 година.

4 edited MCMS

Покрај информирање и дискусија за услугите, некои средби, на барање на локалните организации имаат и едукативен карактер. Така на пример, Мобилниот ресурсен центар одржан на 06 октомври 2023 во Демир Хисар беше посветен на логичката рамка – популарната алатка која се користи во процесот на развој на проектни идеи и подготовка на апликации. Тимот на ГРЦ направи вовед во начинот на пополнувањето и употребата на оваа алатка, а потоа, преку практични вежби учесниците се стекнаа со вредни знаења и вештини поврзани со нејзината употреба.

Исто така, од интересот на локалните организации за градење на нивните капацитети искажан при посетата на Мобилните ресурсни центри, произлезе спроведување на две работилници на темата: Генерирање фондови, планирање проекти и пишување на проектна апликација, одржани во Чашка  на 28-29 март 2024 и Вевчани на 21-22 мај.

1 980x551 MCMS

Посетите на Мобилниот ресурсен центар ќе продолжат во текот на целиот проект ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2. Во следниот период до крајот на 2024 година ќе бидат спроведени посети на Мобилниот ресурсен центар во Берово, Демир Капија, Новаци, Крушево и Дебарца.


Поврзани:

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Мобилниот ресурсен центар – можност за поголема активност на граѓанското општество на локално ниво