Подобрено знаење и вештини за членовите на НКСНЕБПТ |
Среда, 28 декември 2022 14:35 | |||
Од 21 до 23 декември 2022 година, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) организираше обука за членови на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам (НКСНЕБПТ) на тема: „Раководење со проекти, набљудување и известување“. Учесниците имаа можност да научат повеќе за проектното планирање, за анализата на проблеми и анализата на цели и за креирање на целата логиката на интервенција. Теоретскиот дел од обуката беше применуван преку практичните вежби, што овозможи добра интеракција на учесниците. Тие, во две групи, работеа на креирање на дрво на проблеми и дрво на цели, со што ја поставија логиката на интервенција за проблемите на кои работеа. По ова, ги поставија показателите и изворите за верификација. Презентациите на секоја од фазите овозможија заеднички дискусии на двете групи, споделување размислувања за предложените решенија и искуства од работењето во институциите. Во дискусиите за алокација на ресурси, набљудување, известување и оценка, учесниците се осврнаа на можностите кои се условени од поставеноста на институциите од кои доаѓаат особено на ресурсите кои им се потребни за непречено извршување на активностите, а не се секогаш достапни. Набљудувањето и известувањето беше особено нагласено во врска со новите стратешки документи за борба против насилен екстремизам и борба против тероризам и нивните акциски планови. Националниот комитет како фокусна точка во оваа област им специфична улога да координира 22 институции, а регуларниот тек на информации е клучен за ваквата координација. Активното учество на сите присутни беше еден од показателите за корисноста на обуката. Покрај тоа, тие изразија задоволство од можноста да ги подобрат своите знаења и вештини за раководење со проекти. Понатамошното практикување на тие вештини во институциите и заедно со граѓанските организации може да придонесе за зголемување на ефикасноста и ефективноста на нивната работа. Обучувачи беа Александар Кржаловски и Гонце Јаковлеска од МЦМС. Покрај претставниците на НКСНЕБПТ, на обуката учествуваа и претставници на партнерските организации Плеиадес и Хоризон Цивитас. Обуката беше организирана како дел од активностите на програмата “Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата” (РРП) која ја спроведува МЦМС во партнерство со НЕКСУС-граѓански концепт, Иницијатива за европска перспектива, Плеиадес и Хоризон Цивитас. Програмата ја финансира Глобалниот фонд за ангажираност и отпорност на заедницата (ГЦЕРФ).
|