Ковид-19 - една година стравови, очекувања и желби за враќање во ‘нормала’ |
Петок, 02 април 2021 13:58 | |||
Датум: април 2021 Во овој извештај се презентирани и анализирани ставовите на граѓаните за моменталната состојба во светот и регионот во однос на корона вирус (SARS-CoV-2), предизвикuвач на болеста – Ковид-19, добиени преку испитувањето на јавното мислење во периодот 12 до 17 март 2021 година. Постои голема загриженост кај граѓаните (74,6%) од моменталната состојба предизвикана од Ковид-19. Демографски гледано, етничките Македонци (79,9%) и припадниците на другите заедници (74,2%) се позагрижени од етничките Албанци (59,8%). Регионално гледано, жителите на Пелагонија се најзагрижени (85,5%) за кризната состојба. Мнозинството граѓани се песимисти за последиците од кризата од Ковид-19. Вкупно 63,5% сметаат дека најлошото допрва доаѓа. Жените се попесимистични од мажите, 68,9% од нив сметаат дека најлошото допрва ќе дојде за разлика од 58,2% од мажите. Етничките Македонци (71,2%) се попесимистични од етничките Албанци (43,0%). И возраста на испитаниците влијае на одговорите, повозрасните се попесимистични. Најголем број од испитаниците (43,6%) сметаат дека кризата од пандемијата воопшто не е под контрола. Оние кои сметаат дека е под контрола се 5,0% од испитаниците. Мнозинство од етничките Македонци (51,0%) смета дека кризата воопшто не е под контрола за разлика од двојно помалиот број етнички Албанци или 25,3% и околу една третина од припадниците на другите заедници (34,8%). Мнозинството испитаници (72,0%) сметаат дека корона вирусот е намерно или случајно излезен од лабораторија. Во однос на истражувањето од мај 2020 година, се намалил бројот на оние кои сметаа дека вирусот не постои (од 10,3% на 3,3%) и оние кои сметаа дека неговото појавување е поврзано со воспоставувањето на 5Г мрежите (4,9% на 2,7%). Значајно е намален бројот на оние кои одговориле дека не знаат од 22,6% на 2,0%. Големо мнозинство (70,7%) од испитаниците лично познаваат некој кој бил во болница или починал од Ковид-19. Околу осум од десет етнички Македонци (80,8%) познаваат лично некој кој бил во болница или починал од Ковид-19. Кај другите етнички заедници тој процент е 71,2%, а најнизок е кај етничките Албанци од кои 42,6% одговориле на прашањето со „да“. Вкупно 20,1% од испитаниците биле заразени со корона вирусот во изминатава година. Ова значи дека секој петти граѓанин бил заразен со коронавирусот што е повисока бројка од официјалната статистика на заразени граѓани. Големо мнозинство од 75,1% се загрижени дека тие лично ќе се заразат со корона вирусот. Загриженоста пораснала од претходното истражување во мај 2020 година кога ваква грижа изразиле 60% од испитаниците. Етничките Македонци се позагрижени (82,5%), од припадниците на другите заедниците (75,9%), а особено од етничките Албанци (54,4%). Мнозинство од граѓаните (66,2%) се загрижени дека може да го шират коронавирусот без да знаат. За разлика од нив, околу една третина воопшто или донекаде не се загрижени за оваа можност. По една година Ковид-19, пораснал процентот на оние кои се загрижени за оваа можност од 49% на сегашните 66,2%. Околу една третина од граѓаните (34,0%) планираат да им се вратат на пред-пандемиските активности по вакцинирањето, откако официјалните лица ќе кажат дека тоа е безбедно. Уште 15% се претпазливи и враќањето кон тнр. нормала го планираат откако ќе бидат вакцинирани повеќето луѓе. Со возраста расте и претпазивоста, па така процентот на оние кои ќе се врата на пред-пандемиските активности по вакцинирањето откако официјалните лица ќе кажат дека е безбедно расте од 22,8% кај младите помеѓу 18 и 29 години до 48,8% кај возрасните над 65 години. Најголем број граѓани се чувствуваат комфорно при одење во продавница (60,2%) во однос на другите активности. Во сите други активности, мнозинство или големо мнозинство не се чувствуваат комфорни. Особено се нагласени посетите на спортски и културни настани во затворено, каде 81,6% од испитаниците не се чувствуваат комфорно и посетите на забави со многу луѓе каде негативниот одговор го избрале 80,6% од нив.
|