Волонтерите непроценливо богатство за граѓанскиот сектор - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Волонтерите непроценливо богатство за граѓанскиот сектор PDF Печати Е-пошта
Понеделник, 29 март 2021 16:11

Волонтерите се движечката сила во граѓанскиот сектор, а волонтерскиот труд и иницијативи се од огромно значење за голем број организации кај нас.

26 3 2021 13 01 37 a 980x625

Сепак, колку успешно се управува со волонтерскиот капитал? Што е волонтерство и колку сме усогласени при дефинирање и разбирање на оваа тема? И колку внимание треба да им се посвети на волонтерите во организацијата за да се постигнат подобри резултати?

Одговорите на овие и многу други прашања граѓанските организации ги добија на онлајн работилницата за волонтерство одржана на платформата ЗООМ на 24 и 26 март 2021 година во организација на Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ).

„Една од примарните цели на оваа работилница беше да ги „внесам“ учесниците во улогата на волонтерот, да се сетат на своите лични волонтерски искуства, предизвици и пријатни чувства што ги доживеале, бидејќи, иако најголем дел од нив се (или биле) волонтери и самите, сепак на работилницата доаѓаат и како дел од менаџментот на своите организации со намера да научат како да управуваат со други волонтери. Затоа, важно ми беше да ја стават привремено „капата“ на волонтер, да го имаат чувството на „носењето на волонтерските чевли“ додека размислуваат наоѓајќи се „на другата страна“. Сметам дека само така можеме да веруваме дека ќе знаеме како да одговориме на потребите на волонтерите и да ги мотивираме соодветно за да ги постигнуваат очекуваните резултати, па заедно (волонтерите и организацијата) да бидеме успешни во правењето позитивни промени во нашите заедници“, вели Драгана – Дина Митровиќ, Проектен соработник на ГРЦ од Штип, а воедно и предавач на оваа работилница.

На работилницата учество земаа 17 претставници на организации кои преку презентации и размена на искуства и идеи за време на дискусиите и практичните вежби го усогласија разбирањето за основните поими поврзани со волонтерство. Го надополнија своето знаење за управување со волонтерскиот капитал, процес кој заочнува сопланирање, регрутација, обука, преку следење и оценување, па се´ до „поправање“ и „отпуштање“ на волонтери, со акцент на мотивацијата на волонтери.

„Земајќи во предвид дека нашата организација ГРИТ од Пробиштип е тукушто основана, целата работилница супер се вклопи во овој почеток. Веќе имаме некои идеи како би вклучиле волонтери, но преку обуката научивме како тоа да го направиме организирано и ефикасно. На крајот беше спомената и менторската поддршка од ГРЦ, која после оваа работилница ние одлучивме дефинитивно да ја искористиме“, велат од организацијта ГРИТ.

За време на работилницата организациите се информираа и за законската регулатива, а беа споделени и неколку примери со насоки за различни документи кои учесниците ќе можат да ги прилагодат и користат во своите организации.

“Она што би можела да го издвојам и што ми остави впечаток беше описот на волонтерската позиција, бидејќи ми отвори нови хоризонти и идеи за реализирање на голем дел од активностите предвидени за 2021 година. Имено, не можам да не го споменам Правилникот за начинот за водење на евиденција на волонтерска работа, при што укажува на едно транспарентно и одржливо раководење на една организација”,изјави еден од учесниците на работилницата.

Спроведената работилница е дел од Програма за градење капацитети на граѓанските организации на Граѓанскиот ресурсен центар, проект финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС) во соработка со Медиа Плус од Штип и Асоцијација за демократски инцијативи, Гостивар.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Волонтерите непроценливо богатство за граѓанскиот сектор