Граѓанскиот ресурсен центар е вредна поддршка за граѓанските организации - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Граѓанскиот ресурсен центар е вредна поддршка за граѓанските организации PDF Печати Е-пошта
Среда, 03 Февруари 2021 12:06

Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ), во годината што помина, работеше во вонредни услови заради пандемијата предизвикана од Ковид-19. Сепак, ова не го намали интензитетот и не ја доведе во прашање основната функција на Центарот. Воспоставена  како канцеларија која им дава поддршка на граѓанските организации, скопската и канцелариите во Штип и Гостивар, одговорија на 193 барања на граѓански организации и граѓани обезбедувајќи совети во различни области. 

viber image 2021 02 03 11 53 39

Корисниците веќе го препознаваат ГРЦ како вреден извор на информации, за некои од нив, ова е и единствена можност да ги добијат во електронското сандаче новостите за тоа каде можат да поднесат проекти, каде да се пријават на обуки, како да учествуваат на настани, со еден збор, да бидат во тек со главните случувања во секторот. Во претходната година, директно на е-маил адресите на граѓанските организации или заинтересирани граѓани, беа испратени 246 информации. Тимот на ГРЦ постојано работи на дополнување на листата за дистрибуција која сега брои повеќе од 5000. И вие можете да бидете дел од неа ако се регистрирате на rcgo.mk

Една од услугите кои граѓанските организации често ја користат, а која беше под директен удар на пандемијата, се просториите на ресурсните центри. Во претходните години, тие станаа омилено место за организирање настани. Во 2020 година, за жал, не можеа да бидат ставени на располагање како порано. Па така, за разлика од 2019 година, кога во овие простории беа организирани 186 настани, ГРЦ 2020 година ја заврши со вкупно 30 настани во живо. Соочени со новата реалност, настаните беа преместени онлајн, па ГРЦ им обезбеди на организациите бесплатно користење на платформата ЗООМ на која беа организирани 125 различни настани. Заедно со бесплатното користење на оваа платформа, граѓанските организации добија и техничка поддршка за нејзино користење.    

Ова е само дел од поддршката што Граѓанскиот ресурсен центар им ја дава на граѓанските организации. Обуките и консултациите кои ги јакнат капацитетите, анализите и истражувањата кои придонесуваат кон аргументирано застапување, дискусиите и дебатите на различни теми ја дополнуваат сликата за тоа каква и колкава е поддршката што ја добиваат граѓанските организации како чинители кои активно треба да придонесуваат за зајакната и партиципативна демократија во земјата. 

 

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Граѓанскиот ресурсен центар е вредна поддршка за граѓанските организации