Медиумите имаат клучна улога во процесот на евро интеграции - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Медиумите имаат клучна улога во процесот на евро интеграции PDF Печати Е-пошта
Петок, 25 декември 2020 16:54

Десетина новинари од различни редакции учествуваа на обуката за евро интеграции што се одржа на 11 и 12 декември 2020 година преку платформата Зум (ZOOM). Тие имаа можност да го подобрат нивните знаења и да дискутираат за повеќе аспекти на пристапувањето на земјава кон Европската Унија, вклучувајќи ги и актуелните настани поврзани со барањата и блокадата од Бугарија.

Screenshot 38

Покрај воведните информации за институциите на ЕУ, за тоа што претставува европското право односно Аки (Acquis) и политиките на ЕУ, учесниците имаа можност да слушнат повеќе за политиката на условеност, за процесот на стабилизација и асоцијација и за тоа како се носат одлуките за проширувањето. По дискусијата за Извештаите на Европската комисија и заклучоците на Советот на ЕУ, обучувачите се осврнаа на јавното мислење за проширувањето, односно колку идејата за проширување има поддршка кај граѓаните на Унијата, а не само кај политичарите. Кај политиките и  механизмите на усогласување, се дискутираше за усогласувањето на политиките и законодавството и економските реформи. Новинарите се интересираа колкав е процентот на транспонирање на европското право во националното законодавство. 

Дел од темите се однесуваа и на фазите на преговарачкиот процес, искуствата на другите земји како и на новата методологија на проширувањето. Посебно внимание беше посветено на улогата на медиумите во пристапниот процес. Во дискусијата, новинарите се интересираа за тоа како се перципира известувањето на медиумите за ЕУ? Некои од сугестиите укажаа дека е потребно повеќе аналитичко новинарство на различни теми поврзани со евро интеграциите, потоа, наметнување на теми кои можеби не се актуелни во дадениот момент, односно отворање на прашањата навреме, наместо само следење на настаните. Во таа насока, обучувачите препорачаа новинарите почесто да бараат брифинзи за да бидат во тек со случувањата поврзани со евро интеграциите. Интересни беа и дискусиите што се водеа за претпристапната поддршка (ИПА), за програмите на ЕУ како и за можностите за граѓанскиот сектор и медиумите.

Screenshot 40

„Мене ми беше многу интересна обукава, а работите што ги дискутиравме, многу корисни“ рече Тамара Грнчаровска од Телевизија Телма на крајот на обуката. Според неа, иако долго ја следи надворешната политика, а со тоа и евроинтеграциите, секогаш има простор да се научи нешто ново. И за Лепа Џундева од Телевизија 24 обуката беше интересно и корисно искуство. „Се надевам дека ќе имаме можност да соработуваме и да се надградуваме и во иднина“, рече таа. 

Обучувачи беа Малинка Ристевска Јорданова, Јулијана Караи и Стефан Ристовски, а обуката ја организираа Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Телевизија Телма како дел од проектот ЕУро Фокус кој е поддржан од проектот „Нордиска поддршка за напредокот на Северна Македонија“.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Медиумите имаат клучна улога во процесот на евро интеграции