Честит роденден МЦМС |
Понеделник, 14 декември 2020 16:44 | |||
Македонскиот центар за меѓународна соработка денес полни 27 години. Во годината кога на целиот свет му се случува „премрежието“ наречено Ковид-19, МЦМС остана доследен на своите основи – добра волја, напорна работа, прилагодливост, здружување и флексибилност за да може да се излезе во пресрет таму каде што е тоа најпотребно. Ги прилагодивме нашите активности на новото време, пренасочивме дел од фондовите каде што беше возможно и во соработка со другите организации овозможивме помош и поддршка на ранливите групи. Свесни сме дека не одговоривме на сите потреби, тие се големи и во нормални околности, а сега, заради пандемијата, се уште поголеми и понагласени. Сепак, горди сме што бевме дел од решенијата на некои од проблемите на нашите сограѓани. И ќе продолжиме да го правиме тоа што најдобро го знаеме, да наоѓаме решенија и да обезбедуваме поддршка за оние на кои најмногу им треба, заедно со нашите соработници од другите граѓански организации. Основачите на МЦМС, кои на овој ден се собрале да ја донесат одлуката за воспоставување на организацијата можат да бидат задоволни од тогашната одлука. Организацијата што ја основале порасна во една од најсилните во граѓанскиот сектор, спроведе околу 1680 проекти и мобилизираше над 63,5 милиони евра кои ги насочи кон граѓаните, организациите, институциите. На постигнувањата во претходните години, ве потсетуваме низ краткото видео од последниот јубилеј „25 години МЦМС“. Честит роденден МЦМС, остани силна и стабилна, отпорна на влијанија и решителна во надминувањето на предизвиците.
|