Тутунските материјали добија живот преку иновациите на децата од Кривогаштани - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Тутунските материјали добија живот преку иновациите на децата од Кривогаштани PDF Печати Е-пошта
Среда, 29 јануари 2020 13:13

Иновативноста и креативноста го одбележаа петтиот конкурс за основците од општина Кривогаштани и Крушево насловен „Мирисот на тутунот кој ги обојува детските игри“. Настанот го организираа Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), општината Кривогаштани и основните училишта „Манчу Матак“ од Кривогаштани, „Јонче Смугрески“ од Обршани, „Страшо Пинџур“ од Мало Коњари и за првпат „Никола Карев“ од општина Крушево. 

20200123 Krivogastani vest

Учениците од 6 до 14 години ги претставија нивните уметнички творби од рециклирани материјали кои се користат во тутунопроизводството и на овој начин ја подигнаа свеста кај населението за намалување на детскиот труд и за рециклирање на отпаден материјал при обработката на тутунот. Освен тоа, подготвија драмска претстава и рецитираа авторски творби на темата.

Ивана Каравилоска, ученичка од петто одделение, рече дека секоја година учествува на конкурсот заедно со нејзината другарка Елена, меѓутоа овој пат за првпат изработиле иновација - машина за отстранување на песокот од тутунот при негова подготовка за пеглање. „Многу е интересно кога гледаме како тутунските материјали добиваат живот и деловите кои сме ги составиле започнуваат да се движат“, додаде таа.

20200123 Krivogastani vest 2

Нејзината професорка по биологија, Елена Кадинска, рече дека е среќна што децата од најмали нозе имаат прилика својата креативност и љубов кон природните науки да ја насочат токму кон иновациите со ваквите прилики кои им се отвораат.

Покрај изложбениот дел, 40 ученици ги одмерија силите во четири игри со рециклирана опрема која самите ја изработија како што се топки од конци од тутун и кошеви изработени од саргии во кои се пакува тутунот. Наставникот по физичко образование Пеце Апостолоски  кој беше иницијатор на оваа идеја рече дека ова претставува одлична можност за децата од регионот да се запознаат и дружат. 

„Се надевам дека со поддршка од МЦМС овој настан ќе се преточи и во традиционално спортско натпреварување, кое ќе трае подолго и ќе ги мотивира децата да го развиваат спортскиот дух и на тој начин да ја пренесуваат пораката за невклученост во обработката на тутунот“, истакна тој.

20200123 Krivogastani vest 3

Советникот за образование од општина Кривогаштани, Дејан Киселоски, по завршувањето на манифестацијата изјави дека ваквите настани се повеќе од добредојдени, затоа што промовираат соработка на општините и училиштата од регионот. 

На настанот гостуваа претставници од тутунските здруженија, откупувачите на тутун, локалната самоуправа од Кривогаштани и Крушево, родители, ученици и наставници.

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Тутунските материјали добија живот преку иновациите на децата од Кривогаштани