Разменети искуства меѓу грантистите на ГРЦ на работилница |
Четврток, 26 септември 2019 09:43 | |||
Грантистите на Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) учествуваа на дводневна работилница на која ги споделија своите очекувања од менторскиот процес, но и заедно работеа на финализирање на плановите за менторска интервенција. Некои од учесниците се потсетија, а други научија за низа техники и методи за работа во група, фацилитација и фацилитаторски вештини. Работилницата се одржа на 24 и 25 септември 2019 година во просториите на Македонски центар за меѓународна соработка, а учесници беа спроведувачите на партнерските грантови за организациски развој. „Посветеноста и несебичноста при споделување на искуства и знаење, здружувањето на граѓанските капацитети се гледаше и чувствуваше за време на целата работилница. Искусните ментори и посветените корисници со сигурност ќе придонесат за развој на нови вредности во средините во кои се активни“, рече обучувачот Заге Филипоски. Тој додаде дека интеракцијата со учесниците и поставеноста на програмата прават да верува дека ова е вистински начин да се иницира општествена трансформација, што му претставува и лична мотивација. На работилницата, претставниците од менторираните и од менторските организации имаа можност заедно да го подготват дизајнот за следните работилници. Тоа им овозможи да разменат идеи и искуства што пак уште повеќе придонесува за меѓусебно учење и развој. Валентина Атанасовска од Граѓанскиот ресурсен центар истакна дека грантистите имаат избрано навистина искусни ментори и менторски организации за спроведување на овие партнерски грантови. Таа додаде дека тие треба целосно да ја искористат понудената можност во следните четири до шест месеци и да ја развијат својата организација и интерните организациски капацитети. Оваа работилница е дел од проектот Граѓанскиот ресурсен центар, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Македонски центар за меѓународна соработка во партнерство со Асоцијација за демократски иницијативи од Гостивар и Медиа плус од Штип.
|