Годишниот извештај на ДКСК да се врати на доработка |
Четврток, 29 јуни 2017 14:25 | |||
Платформата на граѓански организации за борба против корупција упати допис до членовите на Комисјата за политички систем и односи меѓу заедниците на Собранието на Република Македонија со кој ги повика да донесат Заклучок и на Собранието ќе му предложат да не го усвои Годишниот извештај за работа на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) во 2016 г. Платформата побара Годишниот извештај да се врати на дополнување. Платформата на граѓански организации за борба против корупција смета дека овој документ не дава сеопфатна слика за активностите кои биле или не биле преземени во 2016 г., Како поткрепа на овие тврдења се истакнуваат податоците објавени во Кварталниот извештај бр. 1 од следењето на работата на ДКСК во периодот од октомври до декември 2016 г., којшто го подготви Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС) и податоците што редовно ги собира Транспаренси Интернешнл – Македонија. Една од клучните забелешки е недостатокот на информации за предметот со кој ДКСК побарала надлежно постапување од Јавното обвинителство на Република Македонија, Управата за јавни приходи (УЈП) и Управата за финансиско разузнавање против 21 здружение и фондација и една политичка партија. Покрај тоа, се забележува и различен пристап во презентирањето и деталност на податоците во врска со отворените предмети. Членките на Платформата сметаат дека ДКСК во 2016 г. има потфрлено во спроведување на надлежностите поврзани со спроведувањето на Законот за заштита на укажувачите. Уште една област за која имаат забелешки се однесува на базата на податоци со анкетни листови достапна на веб страната на ДКСК. Таму, според Платформата, недостасуваат анкетните листови на одредени избрани и именувани лица, а кај некои има очигледни недоследности. Од собраниската Комисија е побарано да се организира поширока дискусија за ефикасноста, ефективноста и неселективноста на остварувањата на законските надлежностите на ДКСК, со присуство на експертска јавност и граѓанскиот сектор. Овде можете да го погледнете целиот текст на барањето.
|