Тајните на успешното мобилизирање - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Тајните на успешното мобилизирање PDF Печати Е-пошта
Понеделник, 17 октомври 2016 11:21

Што значи и зошто е важна мобилизацијата на заедницата, која е целта, мотивот и каква е улогата на граѓанските организации? Овие прашања беа само дел од воведните излагања и дискусиите кои се развија на тематскиот форум на Цивика мобилитас кој се одржа на 13 октомври 2016 година во Едукативниот центар М6 во Скопје.

tematski forum CM prva sesija 1

Над стотина претставници на граѓански организации имаа можност да разменат знаења и искуства за мобилизацијата на граѓаните за клучни општествени прашања. Во првата пленарна сесија, меѓународни експерти ги споделија своите искуства. Сајмон Форестер, меѓународен експерт на програмата Цивика мобилитас говореше за суштината на мобилизацијата и за нејзината значајност за граѓанското општество.

„Мобилизацијата е еден сеопфатен процес на планирање, на создавање коалиции, фокусирање кон јасната цел, добро познавање на целната група кон која се обраќаме и која ја претставуваме. Тоа што недостасува на Балканот се заеднички точки на мобилизација кои можат да не обединат во каузата, планирање и создавање на коалиции. Мобилизацијата е скалило, започнува со мали групи и се повеќе расте“, рече Јагода Муниќ, претседателот на најголемата светска еколошка мрежа – Пријатели на земјата (Friends of the Earth International) и програмски координатор во Зелена Акција.

Алексеј Бузу, директор на Центарот за развој на партнерства од Молдавија се задржа на научените лекции на оваа тема. „Мобилизирањето на заедницата треба биде водено од етички кодекс, да вклучува меѓусебна доверба, да биде насочено кон конкретни цели и точно препознаена целна група. Краткорочните методи не се начин за мобилизирање на заедницата.“

tematski forum CM vtora sesija 2

Претставници на домашните организации, Црвен крст на Република Македонија, КХАМ Делчево, Левичарско движење „Солидарност“ и Организацијата на жени на општина Св. Николе исто така споделија искуства. Александра Валкановска од Црвен Крст на Република Македонија, ги презентираше шесте златни добри практики за мобилизација на волонтери. Таа истакна дека е важно целната група да се идентификува со мисијата и целта на организацијата, да покаже успешни примери на соработка и со државните институции, како и да биде поврзана и на локално и на централно ниво.

 tematski forum CM vtora sesija 3

Климентина Ристовска од „Солидарност“ зборуваше за мобилизацијата на членството. „Многу често, „Солидарност“ се поставува во позадина, со цел каузата да допре до што повеќе граѓани. Се трудиме различни социјални групи да бидат вклучени во организацијата и сите да имаат еднакво право на глас, но ваквиот начин на функционирање има и негативни страни, особено во процесот на донесување одлуки и спроведување на акции,“ рече таа. Меѓу другото, таа ја истакна потребата од директен контакт со засегнатите страни, притоа не ставајќи ја настрана употребата на социјалните медиуми за мобилизација на заедницата.

tematski forum CM prva sesija 4

За тоа кои методи на мобилизација ги применува КХАМ од Делчево говореше Зекир Абдулов. Вработените и волонтерите ги користат сите достапни ресурси за мобилизација од дописи до институциите, посети на заедниците, најави во медиуми, состаноци со засегнатите страни и слично. Абдулов ја истакна важноста на известувањето за активностите и резултатите.

Во рамки на форумот беа организирани три работни групи кои се однесуваа на градењето на капацитети, на овозможувачката околина, и, на улогата на комуникациите во мобилизацијата на заедницата. Во интерактивна атмосфера претставниците на граѓанските организации дискутираа за околностите, можностите и потребите на заедниците во процесот на мобилизација.

Зголемување на довербата, деполитизацијата на граѓанскиот дискурс и медиумите, директни средби со граѓаните и децентрализација на институциите се само дел од заклучоците кои беа споделени на завршната пленарна сесија на тематскиот форум. Учесниците укажаа и на конкретни примери за мобилизација на заедницата, како и за тоа дека Цивика Мобилитас треба даде поддршка во стратешкото комуницирање на граѓанските организации.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Тајните на успешното мобилизирање