Учество на јавноста во процесите на подготовка на закони |
![]() |
![]() |
![]() |
Среда, 01 јуни 2016 14:13 | |||
Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), денес, 1 јуни 2016 година, го презентираше годишниот извештај Огледало на Владата 2015: Учество на јавноста во процесите на подготовка на закони. Станува збор за трет по ред извештај, а резултатите покажуваат тренд на уназадување на претходно постигнатите позитивни промени. Анализата се состои од два дела. Во првиот е оценета отвореноста на органите на државна управа во комуникацијата со јавноста, во поддршката на граѓанските организации и во отвореноста при подготовка на конкретни предлог закони. Предмет на анализа во вториот дел се резултатите од следењето на минимумот стандарди и запазувањето на временскиот рок за консултации за објавените предлог-закони на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).
Забележано е влошување на отвореноста на процесите на подготовка на предлог-закони. Вкупната просечна оцена изнесува 2,67, а во 2014 г. била 3,1. Влошен е и начинот на споделување на информации за процесот на подготовка на предлог-законот од 2,83 во 2014 г. на 2,5 во 2015 г. Комплетноста на информацијата за процесот на подготовка на предлог-законот е на исто ниво од 2014 г., 3,38. За жал, експертизата на граѓанскиот сектор за подготовка на стручни текстови и понатаму е непрепознаена па просечната оцена изнесува 1,4. Значително е влошено почитувањето на временската рамка за консултации и изнесува 3 додека во 2014 таа била 4. Влошување бележи и вклучувањето на јавноста во текот на спроведувањето консултации. Просечната оцена сега изнесува 2,8 во споредба со 2014 кога изнесувала 3,2. Повратниот одговор на министерствата на предлозите и коментарите од граѓанскиот сектор бележи намалување од 2,2 во 2014 г., на 1,7 во 2015 г. Министерството за култура, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за животна средина и просторно планирање во континуитет се предводници на позитивните практики. Вкупно 136 предлог-закон беа објавени на ЕНЕР во периодот на следење од 1 јануари до 31 декември 2015 г. Анализата констатира дека министерствата не објавуваат голем дел од предлог-законите на ЕНЕР и покрај тоа што се должни да го направат тоа. Според статистиката на Собранието во 2015 година биле донесени вкупно 541 закони на предлог на Владата, а за само 88 од нив (16%) претходно бил објавен текстот на нацрт-законот на ЕНЕР. Дневните редови и записниците од седниците на Владата не се достапни што го отежнува следењето на процесите на креирање политики. Новата веб-страница на ЕНЕР овозможува подобра прегледност на целиот процес на консултации, но потребно е да се усогласи статусот на ЕНЕР со фактичката состојба. Периодот за коментирање кај најголем број од предлог-законите e фиксиран на минимумот од 10 дена, но иако краток ниту овој рок не се почитува. Таков е случајот со 39% од предлог-законите утврдени на Владата. Министерствата не ги објавуваат редовно потребните поврзани документи за консултации, на пример, текстовите на нацрт-законите се објавени во 70% од случаите. За жал и јавноста има мал интерес за коментирање на ЕНЕР. Во периодот на следење се поставени само 38 коментари за 14 од вкупно 136 објавени предлог-закони. Но и на овој мал интерес, министерствата многу ретко даваат повратен одговор на коментарите. Во периодот на следење, тие дале само 5 повратни одговори на вкупно 38 поставени коментари (13%). Анализата е подготвена во рамките на проектот „Огледало на Владата: учество на јавноста во процесите на подготовка на закони“ како дел од Програмата на УСАИД за антикорупција. Проектот „Огледало на Владата“ за прв пат беше спроведен во 2012 година од страна на МЦМС.
|