Поголема заштита за земјоделците |
Сабота, 31 август 2013 00:00 | |||
Во почетокот на август, МЦМС го започна проектот „Информирање на земјоделците во општина Кривогаштани“ со кој ќе се воспостави и промовира механизам за поддршка и информирање на земјоделците и на ангажираните работници. Активностите од проектот се наменети за производителите на тутун и тоа како за ангажираните земјоделски работници (надничари), така и за земјоделците сопственици, откупувачите и другите релевантните институции. Проектот треба да влијае на унапредување на социјалниот и економскиот развој во регионот. За потребите на земјоделците ќе биде воспоставен центар за повици, односно канцеларија за поддршка. Во него ќе бидат ангажирани две лица, правник и социјален работник. Земјоделците ќе можат да ги кажат своите поплаки, забелешки или прашања на бесплатна телефонска линија или директно во канцеларијата. Најмените работници да разговараат со операторите без страв од реперкусии од било која страна. Исто така, механизмот ќе овозможи поддршка и помош на земјоделците во однос на административните прашања (пр. овозможување информации за новите закони, регулативи, проекти на кои може да аплицираат, како и помош во пополнување на административните формулари). Операторите ќе имаат одговорност да ги примаат, прибираат и групираат влезните поплаки/информации зависно од видот на случајот, притоа истражувајќи ја точноста на информацијата доколку е потребно, олеснувајќи ги средбите во руралните средини. За постоењето и функционирањето на механизмот граѓаните ќе бидат известени преку информативен материјал, преку медиумите и во директна комуникација со нив. Проектот е поддржан од Сокотаб и Алијанс уан Македонија (Alliance One Macedonia) и ќе трае до крајот на јули 2014 година.
|