Огледало на Владата: Учество на јавноста во процесите на подготовка на закони - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Огледало на Владата: Учество на јавноста во процесите на подготовка на закони PDF Печати Е-пошта
Четврток, 26 април 2012 09:46

IMG 0391Граѓаните имаат право да учествуваат во процесот на донесување одлуки на Владата и да заземат активна улога како дел од граѓанското општество. Ова наложува потреба од поопсежен и поширок концепт за граѓански ангажман во процесот на подготовка и спроведување на политиките. Во Република Македонија постојат неколку документи кои се основа за вклучување на јавноста во процесот на донесување закони почнувајќи од Уставот на Република Македонија, преку неколку закони, подзаконски акти и методологии. Сепак, поголемиот дел од политиките и законите се креирани без ефикасно учество на јавноста. Исто така, постоечката пракса за вклучување на јавноста не обезбедува ефикасно учество во процесот на донесување одлуки.

Општата цел на проектот е придонес кон застапеност и учеството на граѓанското општество во подготвувањето и спроведувањето на јавните политики.

Цел на проектот е зголемена соработка на граѓанските организации со органите на државната управа во процесите на креирање политики и подготовка на закони.

Очекувани резултати од проектот се: 1. Воспоставен и имплементиран перманентен систем за следење на вклученоста на граѓанското општество во процесите на донесување одлуки; 2. Подобрени капацитети на граѓанските организации за вклучување во процесите на донесување одлуки.

Резултатите ќе се постигнат преку следните активности:

  1. Методологија за проценка на отвореноста на владините институции: Методологијата која успешно е спроведувана во последните неколку години е развиена од страна на Словенскиот партнер во проектот (ЦНВОС) . Методологијата ќе биде прилагодена според досегашните научени лекции и во согласност со спецификите на македонското законодавство. За проектниот тим на МЦМС и осум други граѓански организации ќе се организира дводневна обука за проценка на отвореноста на државните институции. Методологијата на обуката ќе биде подготвена и испорачана од двајцата експерти од Словенската партнер организација - ЦНВОС.
  2. Следење на учеството на јавноста во креирање политики:  Главниот инструмент за проценка на вклученоста на граѓанското општество во креирањето политики и закони ќе бидат прашалници испратени до до сите релевантни државни органи кои ќе бидат подготвени во согласност со претходно прилагодена методологија. Истовремено ќе се изберат најмалку 30 акти од Годишната програма за работа на Владата на Република Македонија и ќе се подготват индикатори како критериуми, со кои ќе се мери нивото на учество на граѓанското општество во подготовка на поединечните акти, како и комуникацијата и поддршката на средината за учество на јавноста во поединечни министерства и владини канцеларии.
  3. Анализа на проценка на учество на јавноста во креирањето на политики и процедури за подготовка на закони: Врз основа на податоците од пополнетите прашалници од страна на државните органи и резултатите добиени од мониторингот спроведен преку интернет ќе биде подготвена анализата за отвореноста на законодвните процедури. Резултатите од анализата ќе бидат вклучени во публикацијата која ќе биде отпечатена во 400 копии (300 примероци на македонски јазик и 100 примероци на албански), а во електронска верзија ќе биде достапна на три јазика (македонски, албански и англиски) на веб страницата создадена за целите на проектот и на веб страницата на МЦМС (www.mcms.org.mk). Искуствата од Словенија и резултатите од анализата на состојбата на вклучување на јавноста во законодавните процеси ќе бидат споделени на дебата која ќе биде организирана како еднодневен настан во Скопје. Учесници во дебатата ќе бидат претставници на владини институции и граѓанскиот сектор.
  4. Веб страница „Оние кои ги кршат правилата“: Веб страна ќе треба да го олесни следењето на консултативните процеси кога се донесуваат закони и откривање на отстапувања од законските прописи за консултации во сите министерства и други владини тела. Основните информации ќе се прибираат преку специјално развиен прашалник за таа цел. Засегнатите страни ќе можат да ги погледнат отстапувањата од законските прописи, како и да ги следат соодветните процедури на тековните закони кои се усвојуваат од секое министерство или друг надлежен орган поединечно. Веб страницата ќе  содржи и други важни информации како и новодонесени закони, правни совети за граѓанските организации, граѓаните и други државни органи, важни линкови.
  5. Обука за креирање политики и процедура за подготовка на закони Со цел да се подобрат знаењата и вештините за креирање на политики и подготовка на закони ќе се организираат четири обуки за граѓанските организации. Ќе бидат спроведени две нивоа на обуки: основно и напредно. Две основни дводневни обуки ќе бидат наменети за 32 претставници на граѓанските организации со цел тие да се запознаат со можностите за учество на јавноста и нивната значајна улога во процесите на подготовка на закони, особено во земјите во развој. Две дводневни напредни обуки се наменети за 32 претставници на граѓанските организации кои имаат искуство во креирање на политики, а потребно им е проширување на нивните знаења, така што ќе можат активно да учествуваат во креирањето и спроведувањето на владината легислатива во иднина. Обуките ќе се одржат надвор од Скопје.
  6. Работилници за приоритети во соработката и акциски планови за учество во креирањето политики: Серија од шест работилници со граѓанските организации ќе се организира на различни теми за воспоставување приоритети за соработка со владините институции и подготовка на планови за поголемо влијание и учество во креирање на политиките. Во зависност од интересите во областите на соработка ќе се формираат работни групи, на пр. група на граѓански организации за соработка со Министерството за труд и социјална политика, потоа група за соработка со Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор, група за соработка со Министерството за правда, итн. Работните групи составени од претставници на граѓански организации ќе создадат акциони планови за понатамошна соработка со некои од министерствата и другите државни органи.
  7. Регионална работилница: Регионална работилница за размена на добри практики поврзани со следење на владините политики во регионот ќе се организира со цел граѓанските организации добро да се информираат за постојните трендови на мониторинг и надзор на работата на државните органи и да се запознаат со иновативни начини за вршење на овој вид на активности. Покрај домашните, учесниците ќе бидат и претставници од граѓанските организации од регионот, како и претставници од Владата со цел споделување на најдобрите практики и ставови по ова прашање.

Периодот на спроведување е од 16 јануари 2012 до 31 јануари 2013 г.

За времетраење на проектот сите информации, вклучувајќи вести, напредок на проектот, резултати и извештаи ќе бидат достапни на веб страницата на МЦМС  (www.mcms.org.mk) и преку посебна веб страницата креирана за потребите на проектот наречена „оние кои ги кршат правилата“. За подобра видливоста на проектот ќе бидат дизајнирани и соодветно дистрибуирани лифлети со основни информации за проектот, пенкала, тефтери и папки со логото на проектот, како и еден банер.

МЦМС има одговорност за спродведување на проектот, а ќе бидат вклучени и два партнери: Словенскиот Центар за невладини организации (ЦНВОС) и Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН).

Вкупниот буџет на проектот изнесува 2.758.890 МКД.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Огледало на Владата: Учество на јавноста во процесите на подготовка на закони