Спорот за името Македонија - Ставови на јавноста - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Спорот за името Македонија - Ставови на јавноста PDF Печати Е-пошта
Четврток, 20 октомври 2011 08:22

Автор: Сашо Клековски
Дата: октомври 2011 г.
ISBN: 978-608-4617-47-1
PDF: sporot-za-imeto-makedonija-2011.pdf

Спорот за името МакедонијаСпорот за името Македонија, станува главна пречка во евроатлантските интеграции на Македонија. Во 2011 г. МЦМС и ИДСЦС водени од застојот на евроатлантските интеграции на Македонија и потребата за политики засновани на факти, спроведоа ново истражување за спорот за името Македонија.

Граѓаните и понатаму се против каква било промена на името, односно скоро половина граѓани се цврсто против каква било промена на името, за прашањето за можно решение се определиле за никаква промена (45,3 %), одговориле дека не прифаќаат ниту една географска одредница (44,6 %), имаат став да се зачувува името и по цена на застој (39,6 %), а на можен референдум за име за севкупна меѓународна употреба би гласале со „не" (58,4 %). Мнозинството кое е за никаква промена е поголемо меѓу етничките Македонци (57 % се за никаква промена). Ставовите се малку променети од декември 2010 г.

Во тек е национално обединување околу спорот со името и во 2011 г. и се намалуваат етничките разлики, односно ставовите се приближуваат во насока дека решението е помеѓу никаква промена и договорено име за меѓународните организации. Граѓаните од сите етнички и партиски припадности ја бранат црвената линија за идентитетот (против додефинирање на јазикот) и бараат одлука за името на референдум.

Постои мал прозор за компромис, можно по одлуката во Меѓународниот суд за правда (36,9 % граѓани очекуваат одлука во корист на Македонија). На 40,5 % граѓани им се важни евроатлантските интеграции и мислат дека треба да се прифати компромис со Грција, кој нема да го загрози македонскиот идентитет, културата и јазикот. Можни компромиси се „двојна формула" (20,8 %) и договорено име за меѓународни организации (19,2 %). Мнозинство граѓани сакаат решение за една година, а повеќето го очекуваат на средни или долги патеки или никогаш. Можниот модел за прифатлив компромис за граѓаните, иако во истражувањето е со малцинска поддршка, е „Северна Република Македонија" или „Република Македонија (Скопје)", како договорено име за употреба во меѓународните организации (ООН, ЕУ и НАТО).

Идентитетот е гранитна црвена линија - мнозинство граѓани (69,4 %) и големо мнозинство етнички Македонци се против дефинирањето во ООН на националноста/ државјанството на пример како „граѓани на Република Северна Македонија". Големо мнозинство (74 %) на граѓани и етнички Македонци (87 %) и повеќето граѓани од сите етнички припадности се против додефинирањето на јазикот во ООН на пример како македонски јазик (официјален јазик на Република Северна Македонија).

Постои консензус дека за името ќе се одлучува на референдум. Мнозинство граѓани (64 %), од сите етнички и партиски припадности бараат одлука за името на референдум. Поддршката за референдум е во пораст од декември 2010 г. вклучувајќи и меѓу етничките Албанци.

На референдум – 58,4 % би гласале против договорено име за севкупна меѓународна употреба, секој четврти граѓанин би се вклучил во самоорганизирани протести против промена на името.

Стравувања од застој, ризикот од нови отстапки и раскол, мотиви за и против решение. Граѓаните имаат стравувања дека Грција ќе бара нови отстапки во идентитетот и јазикот дури не го уништи македонскиот идентитет (40,4 %) и дека ќе има раскол на предавници и патриоти (21,7 %). Овие две закани се закани по опстанокот на нацијата и веројатно се главен мотив во одбивање компромис. Двата страва од нови отстапки и од раскол може да се надминат со одредени решенија. За стравувањето од нови барања на Грција можно решение е предлогот од Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност (ЕСИ), можниот договор меѓу Грција и Македонија да стапи во сила на денот на прием на Македонија во ЕУ (во НАТО би била примена под времената референца). На тој начин Грција од кочничар би станала промотор на македонското членство во ЕУ, а Македонија би знаела дека нема да има нови пречки на патот кон ЕУ, без разлика дали тие се поставени од Грција или од земји кои се спротивставуваат на проширувањето (можен референдум во Франција или вета од ЕУ членки со влијание на екстремната десница). Второто стравување од раскол, може да се надмине со примена на „Рамковен модел", односно можниот договор со Грција писмено да биде одобрен од сите главни политички партии.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Спорот за името Македонија - Ставови на јавноста