Осуда на насилството |
Tuesday, 31 March 2009 11:25 | |||
[Прес соопштение] Реакција на Сојузот Македонија без дискриминација во врска со насилното попречување на одржувањето мирен собир на ден 28 март 2009 година (сабота) на Градскиот плоштад. Ние, како сојуз на граѓански организации „Македонија без дискриминација“ најостро го осудуваме насилството како такво, насилното спречување на слободата на говор, мисла, уверување и собир. Најостро ја осудуваме секоја манифестација и секое повикување на дискриминација врз било која основа како и употребата на говор на омраза. Ја поддржуваме изразената јавна осуда и ги повикуваме надлежните органи да преземат конкретни акции во насока на заштита на човековите права. Бараме примена на законот кон тие кои ги ограничија и прекршија правата на граѓаните, против сите кои со сила и сериозна закана го спречија оддржувањето на јавен собир и против сите поттикнувачи и поддржувачи на насилството. Посебно бараме од власта да ја активира внатрешната контрола на МВР и да го преиспита и санкционира секое несоодветно постапување на полицијата. Сметаме дека манифестираното насилство е знак на длабок општествен конфликт, настанат во отсуство на комуникација и дијалог и резултат на долготрајна толераниција на дискриминацијата и говорот на омраза, како од страна на власта, така и од страна на цивилното општество. Ја повикуваме власта, во најкраток можен рок да преземе активности со кои ќе се спречи насилство од ваков вид и што е можно побрзо донесување на законот за забрана на дискриминација и воспоставување на ефективен механизам за заштита на правата на граѓаните и посебно, заштита од дискриминација. Со почит, Секретаријат на Сојузот Контакт: This e-mail address is being protected from spambots. You need JavaScript enabled to view it Скопје, 30.03.2009 година
|