Регионална конференција за Кодексот на добри практики за граѓанско учество |
Saturday, 24 January 2009 13:25 | |||
На 19 и 20 јануари, во Истанбул, Турција се одржа регионална консултативна конференција со граѓанските организации од југоисточна Европа за Кодексот на добри практики за граѓанско учество. Конференцијата беше во организација на Меѓународната конференција на невладините организации (INGO) при Советот на Европа и Фондацијата за третиот сектор (TUSEV) од Турција. На конференцијата учествуваа околу 50 претставници од: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Кипар, Грција, Унгарија, Молдавија, Црна Гора, Македонија, Романија, Србија, Турција, како и претставници од Советот на Европа. Кодексот треба да придонесе кон создавање овозможувачка околина за граѓанските организации во земјите членки на Советот на Европа. Со него, на европско ниво, ќе се дефинира сет од основни принципи и препораки за учеството на граѓанските организации во процесите на одлучување кои што ќе бидат спроведувани на локално и национално ниво во земјите членки. Учесниците разговараа за клучните прашања, дилеми и предлози. Идејата за донесување на ваков Кодекс е многу корисна за граѓанските организации. Тој ќе биде корисна алатка за самите граѓански организации во процесите на лобирање и застапување за одредени прашања при креирањето на политиките во државите. Се очекува до крајот на 2009 година да биде усвоен документот од страна на INGO, и доколку е возможно и директно од Советот на Европа.
|