Волонтерите и граѓанските организации – заедно за поголемо влијание |
Friday, 29 November 2024 13:58 | |||
На 27-28 ноември 2024 година, во Битола се одржа работилница за волонтерство и развивање на програми за волонтирање, организирана во рамки на проектот ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2. Оваа работилница беше спроведена како последователна активност на онлајн Обуката за волонтерство, со цел да се продлабочи разбирањето за вредностите на волонтерството и да се зајакнат капацитетите на граѓанските организации за управување со волонтери. Учесниците ја нагласија важноста на волонтерството како двигател за позитивни општествени промени. Преку ангажирање волонтери, организациите добиваат поддршка, а волонтерите можат да стекнат нови вештини и да ја зајакнат поврзаноста со заедницата. При ангажирање на волонтери се многу важни процесите. За оваа цел се прави еден циклус на ефективен волонтерски менаџмент кој што личи на проектен циклус. Овој циклус ни дава информација дали сите фази се опфатени и влијаат една на друга. Дел од организациите нагласија дека немаат време, ниту ресурси да воспостават ваков систем, но обучувачот Златко Талевски предложи алтернативна опција за организациите кои немаат доволно ресурси за вакви процеси, односно ангажирање волонтери за да го водат тој циклус. „Волонтерите се нашата сила и мораме да внимаваме како го воспоставуваме овој систем во нашите организации. Сите проблеми настануваат кога не ги следиме овие чекори“ изјави обучувачот Златко Талевски. Најголема дискусија се разви на сесиите за мотивирање на волонтерите. Учесниците споделија лични искуства и практични совети. Ќерим Бајрами од здружението МРИКА, Куманово, ја истакна љубовта кон средината и заедницата како извор на мотивација за волонтерите, додека Драгица Вучковиќ од „Екодрводекор“ сподели дека нејзиното волонтерски активизам започнал од обично хоби. „Јас на времето започнав со волонтирање преку хоби, сметам дека секој човек може да најде мотивација и од идејата за корисно да го пополни своето време“ изјави Драгица Вучковиќ од Екодрводекор. На работилницата учесниците се едуцираа и за правни аспекти на волонтирањето. При разгледувањето на Законот за волонтирање беа презентирани детали кој се може да биде организатор на волонтерската работа. Законот за волонтирање го ограничува ангажирањето волонтери во приватни (профитни) компании, за да се спречи злоупотреба на трудот. Приватни компании можат да ангажираат само практиканти, кои мора да бидат платени согласно законот. Организатори на волонтерска работа можат да бидат здруженија на граѓани и фондации, верски заедници и религиозни групи, органи на државната власт, јавни установи, единици на локалната самоуправа и Градот Скопје. „На времето се организираа многу волонтерски работни акции, кои на сите ни се останати во позитивна меморија. Многу млади учестуваа во овие работни акции, и имаа можност да се стекнат со практична работа, да развијат нови вештини и искуства, нови контакти и да се социјализираат“ сподели Мавроди Карпичаров од ЗПП „Лирас“ Штип. Доколку ја пропуштивте оваа работилница, ве покануваме да се пријавите на следниот настан „Да разговараме за МЛАДИТЕ И ВОЛОНТИРАЊЕТО“ кој ќе се одржи на 5 декември 2024 година во Штип, по повод Светскиот ден на волонтерите. Регистрирајте се на следниот линк. Работилницата беше организирана во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар
|