„Задачата на новинарите е да го осветлат феноменот на насилниот екстремизам“ |
Saturday, 30 March 2024 09:20 | |||
Новинарското известување за странските терористички борци-повратници и членовите на нивните семејства, за насилниот екстремизам, радикализам и тероризам и за процесите на ресоцијализација, рехабилитација и реинтеграција (РРР) беа темите на обуката за новинари што ја организираше Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од 1 до 3 март 2024 година во Велес. Обуката ја водеа Аднан Рондиќ и Јасмина Кос, новинари на Ал Џезеира Балкан кои спроведувале слични обуки во Босна и Херцеговина и имаат големо искуство во известување за такви или слични чувствителни теми. Прашањата поврзани со насилниот екстремизам и тероризмот само повремено ги отвораат медиумите кои се под притисок на други, дневно актуелни настани. Сепак, реалност е дека граѓани на земјава беа вклучени во војната во Сирија, дел од нив се вратија и се соочија со судски процеси и осудени се на неколку години затвор. Дел, сè уште ја отслужуваат, додека некои се веќе ослободени. Нивното враќање во заедниците во кои живеат, нивната реинтеграција во заедницата и општеството воопшто, како и реинтеграцијата на нивните семејства, e сериозен предизвик за целото општество. Обуката е одговор на претходни забелешки на новинарите според кои недостасуваат информации за темата и тешко се пристапува до извори на такви информации. Зборувајќи за искуството на Босна и Херцеговина и за новинарската дилема, дали да се известува за овие или за дневно актуелните прашања, обучувачите истакнаа дека информациите подготвени од професионални новинари и објавени во релевантни медиуми се неопходни во секое пребарување на граѓаните. „Кога овие прашања ќе станат актуелни, а стануваат заради случувања во нашите или во други земји, граѓаните пребаруваат на интернет за да се информираат. Во такви ситуации, наша обврска како новинари е да им понудиме квалитетна информација која ќе понуди одговори на нивните прашања. За искуствата во работата со странските терористички борци-повратници и членовите на нивните семејства учесниците имаа можност да разговараат и со Мерал Мусли Тајроска, психолог и претседателка на организацијата Плеиадес. Таа се осврна на процесот на градење доверба заради кој и заради кодексот на струката, не се во ситуација да споделуваат со јавноста информации за поединечните случаи. Во дискусијата со учесниците стана збор и за различните перспективи и пристапот на психолозите и новинарите. Златко Апостолоски, Националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам (НКСНЕБПТ) се осврна на институционалните напори во спречувањето на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот. Тој сподели некои статистички информации за тоа колкумина граѓани на Македонија заминале, колкав број се вратиле и колкумина се дел од процесите на РРР кој во државава се одвива на доброволна основа. На новинарско прашање дали нивниот ангажман да направат приказна со некој од повратниците би бил казнив, тој рече дека не е казниво, но дека треба да се направат безбедносни и други подготовки „за да не се случи новинарот да излезе од интервјуто делумно индоктриниран“, се пошегува Апостолоски. Тој ги увери новинарите дека членовите на НКСНЕБПТ се подготвени да дадат изјава за прашањата на кои работат, а кои не се од доверлив карактер. Новинарите истакнаа дека им требаат такви извори и се пожалија дека институциите на локално ниво не се отворени кон медиумите. Со проф. д-р Хасан Џило од Факултетот за исламски науки новинарите разговараа за некои терминолошки одредници. „Недоследно е да се тргне зборот „исламски“ од културата, уметноста, филозофијата, а да се остави пред тероризам, радикализам или фундаментализам“, вели тој, „затоа што, како што се универзални првите три термини, така и другите не познаваат такви ограничувања. Тероризмот не е својствен само за муслиманите“. Новинарите се интересираа за некои од термините со кои се среќаваат, како што е „џихад“ и како тие ги толкува Исламот. Осврнувајќи се на различните учења на Исламот, професорот Џило истакна дека интенцијата на Исламската верска заедница е практикување на традиционалниот ислам, прилагоден на современите текови. Разговорите со тројцата гости предавачи им овозможи на новинарите да ја видат целата палета теми поврзани со странските терористички борци-повратници и нивните семејства како што е образованието на децата, економското зајакнување, вработувањето, вклучувањето за заедниците каде што се враќаат итн. За голем број од овие теми, не е неопходен директен контакт со самите повратници, туку со заедницата, институциите и вклучените организации во нивната ресоцијализација. Во таа смисла, обучувачите укажаа и на ризикот од директен разговор со повратник/чка. „Кога разговарате со него/неа треба, вие како новинари добивате одредена ексклузивност. Но, треба да сте свесни дека, за да ја имате ексклузивноста, вие правите отстапки, т.е му/и го давате медиумот како платформа преку која ја може да ја шири својата пропаганда“, рече Рондиќ. „Не мора директно да зборувате со член на семејството, некогаш е доволно мајката да се согласи да сподели со вас цртеж од нејзиното дете“, рече Јасмина Кос, таму има доволно емоции за вашата приказна. „Како новинари, нашата задача не е да имаме разбирање за она што го направиле, туку да го осветлиме феноменот“, рече Аднан Рондиќ. Учесниците се согласија дека добиле доста нови информации и нови перспективи за темата. Тие истакнаа дека се свесни за својата одговорност да ја направат повидлива оваа тема и дека треба внимателно да и пристапат. Целта на обуката беше да овозможи пристап до повеќе информации, знаења и вештини на група новинари од различни медиуми кои би биле носечки известувачи за овие теми и кои, низ своите прилози, би ги објективизирале овие прашања и напорите кои се вложуваат за подобрување на состојбата. Обуката е дел од програмата „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“ кој го поддржува ГЦЕРФ, а го спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во партнерство со Нексус – граѓански концепт, Иницијатива за европска перспектива (ИЕП), Здружението за активен и здрав развој на жените и децата „Плеиадес“ и Здружението за граѓански активизам и охрабрување на општествената одговорност „Хоризон Цивитас“.
|