Конференција „25 години Македонија“ |
Wednesday, 14 September 2016 09:08 | |||
„За Македонија треба да се зборува од сегашна гледна точка. Потребна е различна интерпретација и добро менаџирање на работите кои се статични и кои не можеме да ги менуваме“, рече Ризван Сулејмани, аналитичар и поранешен министер за локална самоуправа во своето излагање во панелот „25 години подоцна: местото на Македонија во глобалното семејство на нации“ што беше дел од конференцијата „25 години Македонија“ одржана на 13 септември 2016 година во Скопје. Според него, Македонија има три опции: да биде мртов остров кој сите ќе го заобиколуваат, крстопат на кој сите ќе се судираат или пак столб на поврзување. На конференцијата што ја организираа Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Обединетата македонска дијаспора (ОМД) по повод годишнината од осамостојувањето на Македонија зборуваше и првиот амбасадор на Македонија во Грција Љупчо Арсовски. „Потребни се нови луѓе, нови генерации за доближување на двете страни во преговорите за името“, рече Арсовски. Според него, работењето во насока на зајакнување на правната држава и владеење на правото ќе придонесат кон приближување на Македонија до ЕУ и НАТО. Лилјана Поповска, пратеничка во Собранието на Република Македонија, ја истакна потребата од зголемување на политичката култура на дијалог и решавање на проблемите преку консензус, а политикологот Дане Талески во своето излагање направи ретроспектива на изминатите 25 години од независноста, претставувајќи ги низ четири хронолошки периоди, од нејзиното етаблирање на меѓународен план, лидерството во регионот, па се до моменталната фаза на, како што рече Талески, интровертност и губење на компасот во меѓународната политика. „Македонија треба да учи од пропуштените шанси, односно силно да се посвети на стратешките цели и подобрување на својот имиџ како држава која е посветена на демократијата и држава која гради добри односи со соседите“ истакна тој. За „Најголемите актуелни предизвици за глобалната интеграција на Македонија“, зборуваше Ѓорѓи Пулески од левичарското движење „Солидарност“. Тој се фокусираше на големата класна поделба во Македонија и истакна дека со занемарување на социјалната правда се создава почва за корупција и криминал. „Почитувањето на работничките права генерира независен и силен народ, а со тоа и силно општество“ – констатираше Пулески. Деа Здравковска, претставник од Студентскиот пленум рече дека борбата за подобро образование меѓу другото е поттикната од зголеменото иселување на младите од државата. „Студентскиот пленум постои за да ја потсетува секоја власт дека при донесувањето на реформи во образованието треба да се консултира со младите, односно студентите“. Според Радмила Шеќеринска, потпреседател на СДСМ, проблемите во државата не треба да ги извезуваме во дијаспората, туку треба да ја искористиме нејзината помош. Таа смета дека дијаспората е голем изгубен ресурс, но од друга страна, таа може да биде прозорец кон иднината и преку неа Македонија може да го подобри своето влијание. Недовербата во институциите, чувството на изолација и чувството на општа нееднаквост се клучните предизвици со кои ќе треба да се соочиме во иднина – заклучи таа. Конструктивните излагања на панелистите поттикнаа дискусија, која опфати прашања за начините на подобрување на високото образование, намалување на социјалните разлики и подобрување на политичкиот дијалог. Конференцијата за фацилитираа Методија А. Колоски, претседател на ОМД и Александар Кржаловски прв извршен директор на МЦМС.
|