Презентиран новиот Извештај за проценка на корупцијата во Македонија |
Tuesday, 30 August 2016 15:27 | |||
Денес (30 август 2016 година) во Скопје, Програмата на УСАИД за антикорупција, спроведувана од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го презентираше новиот „Извештај за проценка на корупцијата во Македонија во 2016 година“. Емина Нурединоска, еден од авторите истакна: „Перцепциите за корупцијата се непроменети споредбено со 2014 година, а нивоата на коруптивен притисок и виктимизација се влошени. Коруптивниот притисок од страна на службените лица и вклученостa од страна на граѓаните бележат зголемување споредбено со истражувањето од 2014 година, а отпор кон корупцијата речиси и да не постои, односно на 30,5 % од граѓаните им бил побаран поткуп, а 29,2 % дале поткуп. Бројот на лица осудени за давање или примање поткуп е многу мал, особено ако се спореди со податоците од претходните години. Не постои навика на пријавување случаи на корупција меѓу граѓаните. Имено 83,5 % од граѓаните не пријавиле случај на корупција на некоја институција задолжена за жалби, наспроти само 7,4 % кои го пријавиле случајот во некоја од институциите. Судиите, министрите и пратениците перципирани како најкорумпирани.“ Нурединоска додаде и дека тоа што загрижува и за што треба да се обрне повеќе внимание во иднина е поголемата толеранција, односно прифатливост на корупцијата од страна на младите на возраст од 18 до 29 години. Покрај Националниот извештај, г. Руслан Стефанов од Центарот за изучување на демократијата од Бугарија ги презентираше наодите од Регионалниот извештај за проценка на корупцијата во Западен Балкан. Најдобро котира Хрватска каде, на 12 % од граѓаните им бил побаран поткуп, а дале 9 % од нив. Македонија се наоѓа на дното, односно едно место пред последната на листата, Албанија. Извештајот е подготвен како дел од Програмата на УСАИД за борба против корупцијата ја спроведува МЦМС со партнерите: Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје (ИДСЦ), Транспарентност Македонија и Асоцијацијата за демократски иницијативи – Гостивар (АДИ).
|