Борба против корупцијата – предизвик за Македонија и регионот - Macedonian Center for International Cooperation

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Борба против корупцијата – предизвик за Македонија и регионот PDF Print E-mail
Thursday, 31 March 2016 20:38

МЦМС ја организираше конференцијата „Ефективна борба против корупцијата на високо ниво: прашање на личност или на систем“ на 22 март 2016 година во х. Холидеј ин во Скопје. На Конференцијата, во првиот панел, за непристрасноста, интегритетот и ефикасноста, зборуваа Лаура Кодрута Ковеси, главен обвинител на Националниот директорат за антикорупција во Романија, Марко Зврлевски, јавен обвинител на РМ, Катица Јанева, јавен обвинител во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите.

borba-protiv-korupcijata

„Резултат на нашата работа во 2015 година се 1250 обвинити лица за средна и висока корупција и 83 правни субјекти. Од нив, еден премиер, пет министри, 16 пратеници, пет сенатори, 97 градоначалници и заменици градоначалници, 15 претседатели и заменици претседатели на совети“, рече Лаура Кодрута Ковеси, на почетокот на своето обраќање на конференцијата. „За мене како обвинител не е важно само да се започне работата, важно е и да се заврши. Од 1250 обвинети лица, 970 се осудени“.

Во своето обраќање на конференцијата, јавниот обвинител на РМ Марко Зврлевски се осврна меѓу другото, на резултатите од работењето на Јавното обвинителство на РМ. „На територијата на Република Македонија во 2012 е постапувано по случаи за корупција против 2285 лица, а поднесени се обвиненија против 297 лица. Процентот на успешно постапување е преку 90 %. Во 2013 е постапувано против 2337 лица по случаи за корупција, а поднесени се обвиненија против 306 лица. Вкупно бројот на пресудени се движи околу 93%“, рече тој.

Катица Јанева се осврна на досегашното работење на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) кое досега има евидентирано вкупно 30 предмети против 80 лица, од кои 29 предмети во 2015 година против 77 лица и еден предмет во 2016 година против три лица. „Од аспект на меѓуинституционална соработка, голем дел од институциите покажаа непочитување на барањата на ова Јавно обвинителство, адресирани врз основа на овластувања или права дадени со закон, како и непочитување на претходно воспоставена пракса“, рече Јанева.

„Дали борбата против корупцијата е колективна одговорност?“ беше носечка тема во вториот панел.

„Сакаме да го вклучиме алармот бидејќи нашите наоди од спроведените истражувања покажуваат дека нивото на корупција во сите земји во Југоисточна Европа (ЈИЕ) е на системско ниво, не е исклучок како што порано мислевме, станува збор за широко распространета појава“, рече Руслан Стефанов, директор на економската програма во Центарот за изучување на демократијата од Бугарија.

„Граѓанското општество во Романија ја именуваше корупцијата. До 2000 година Романија немаше член во законот со кој се криминализира корупцијата. Ни требаа 10 години за да стигнеме до таму. Граѓанските организации први почнаа да зборуваат за тоа. Ги документиравме механизмите за корупцијата. Толку инсистиравме на зборување за корупција што создадовме перцепција дека има многу повеќе корупција од колку што навистина постоеше. Но беше потребен притисок врз властите да делуваат кога има корупција“, рече во своето обраќање Јоана Авадини, извршен директор на Центарот за независно новинарство од Романија.

„Очигледно е дека Романија е примерот кој треба да се следи. Не само заради добрите резултати туку и затоа што имаме слична правна и институционална рамка, рече Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси Интернационал, Македонија. Таа направи споредба меѓу Агенцијата за национален интегирет (АНИ) на Романија и Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) од Македонија кои според Тасева имаат сличен мандат.

Целта на конференцијата беше да се разменат искуства и да се отвори поширока дебата за предизвиците со кои се соочува Република Македонија и регионот во борбата против корупцијата на високо ниво, преку споделување на искуството од Република Романија како земја која во последните години бележи значителни успеси на ова поле.

Конференцијата е дел од Програмата на УСАИД за антикорупција, што ја спроведува МЦМС. Цел на програмата е зголемена информираност и знаења на граѓанските организации и граѓаните за барање повеќе отчетност кај институциите како и придонесување кон нивен повисок интегритет.

 

Google translate

Follow Us

RSSTwitterFacebookYouTubeScribd

Се наоѓаш тука  : Home News & Publicity News Борба против корупцијата – предизвик за Македонија и регионот